Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека денеска во метрото во Санкт Петербург уапсила осомничен кој, според руските власти, планирал да постави експлозивна направа под автомобилот на вработен во одбранбената индустрија.
Како што пренесува „Интерфакс“, кај уапсеното лице била пронајдена импровизирана експлозивна направа маскирана како уред за GPS-следење.
Од ФСБ наведуваат дека станува збор за 21-годишен руски државјанин кој, според нивните тврдења, воспоставил контакт со украинските разузнавачки служби.
За време на испрашувањето, осомничениот – според руските безбедносни служби – признал дека вршел незаконски активности во замена за паричен надомест што му бил исплаќан преку крипто-паричник.
ФСБ понатаму наведува дека младиот човек им доставувал на украинските служби картографски и геодетски податоци што ги добивал на своето работно место, како и дека го следел движењето на вработените во руската одбранбена индустрија на подрачјето на Санкт Петербург и Ленинградската област.
Руските власти сè уште не објавија дополнителни детали за истрагата, ниту пак овие тврдења се независно потврдени.