Во САД за еден ден 30.000 нови случаи, Трамп имал докази дека вирусот е од кинеска лабораторија

by Fokus

Во САД повеќе од еден милион луѓе во моментот се заразени со новиот коронавирус, а 63.006 починале. Институтот Џонс Хопкинс соопшти дека во изминатите 24 часа имало 29.515 нови случаи заразени со Ковид-19 и 2.040 смртни случаи.

Бидејќи сојузните држави ќе почнат да ги вклучуваат во статистиката и оние кои „најверојатно починале од коронавирусот“, тоа го најави и Институтот Џонс Хопкинс, пренесе Си-Ен-Ен.

Затоа, бројот на заразени и починати во наредните денови може да биде многу поголем.

Вкупниот број на заразени и жртви вклучува податоци од 50 држави, други територии на САД, како и припадници на армијата, пациенти од болници за ветерани и од државни затвори.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека е убеден дека новиот коронавирус можеби потекнува од кинеска лабораторија, но одби да даде детали за можни докази за тоа. Со тоа, се засилија тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг околу потеклото на вирусот.

Трамп изјави дека видел докази што му дале „висок степен на увереност“ дека вирусот потекнува од Институтот за вирологија во Вухан.

– Да, да, видов, одговори Трамп на прашање дали видел докази за таа теза. Сепак, Трамп одби да открие детали.

– Јас немам право да го кажам тоа, рече американскиот претседател.

Институтот за вирологија Вухан ги отфрли тврдењата дека Ковид-19 е лабораториски направен кај нив. Таа можност ја отфрлија и американски претставници.

Канцеларијата на директорот за Национално разузнавање, од каде се координира мрежата од сите американски шпионски агенции, вчера потврди дека вирусот, кој се прошири   низ целиот свет, не е создаден по вештачки пат или модифициран.

– Целата разузнавачка заедница постојано им помага на властите на САД и на тие кои водат битка со вирусот Ковид-19 кој се појави во Кина, се вели во соопштението на директорот на Национално разузнавање.

Поврзани новости