Денот на трудот во Грција со најави за собири и покрај забраните

by Fokus

Рестриктивните мерки и забраната за непотребно и неоправдано движење за граѓаните во Грција, резултира оваа година Денот на трудот да не се одбележи со традиционалните протести на синдикатите на Први мај, туку манифестациите да се префрлат за првата сабота по укинувањето на забраната, односно на 9 мај.

И покрај забраните и предупредувањата, сепак за денеска се закажани неколку различни и меѓусебно неповрзани симболични собири во центарот на Атина, меѓу кои оној на синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, како и на анархистички и левичарски здруженија и организации, јави дописничката на МИА од Атина

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на редовниот брифинг со новинарите, во понеделникот рече дека дури и симболичните собири може да го стават во опасност она што досега е постигнато.

-Тоа е минимален знак на почит како кон работничкото движење, така и кон здравствените работници, но и за сите вработени во јавниот и приватниот сектор, за да нема враќање назад. Само така, еден час порано ќе ја надминеме здравствената криза за сите вработени да можат безбедно да се вратат на работа. Ова е во интерес на работниците. Во овие рамки, симболичните прослави на Први мај, со почитување на правилата и одржувањев растојание, се префрлаат за првата сабота по укинувањето на рестриктивните мерки, рече Пецас и изрази надеж дека и работнички синдикати и политичките сили, со нивната позиција ќе почитуваат дека оваа година, исто како и Велигден, така и Први мај е поинаков.

Денешниот ден, како и за време на викендот, се очекува во Грција да бидат зголемени безбедносните мерки исто како што беше и за деновите пред Велигден, за да се избегне и спречи било каква раздвиженост на граѓаните и обиди за прошетки подалеку од нивното постојано живеалиште.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на вчерашната редовна прес конференција во Министерството за здравство рече дека исто како и за Велигден, така и денеска, и покрај пролетното време, граѓаните треба да останат дома.

-Повторувам дека не се дозволени движења далеку од местото на нашето постојано живеалиште. Не е дозволено да одиме ниту во викендичка, уште помалку во селото. Исто така, на први мај, секоја година се одржуваат големи собири од политичките партии, организации и синдикати. Оваа година е различна. Сакам уште еднаш да потсетам дека до понеделник во целост важат рестриктивни мерки, па така, до тогаш потребна е потврда или смс за секои движење, рече Хардаљас,

Поврзани новости