Најмалку седум лица во пет американски држави биле заразени со коронавирусот неколку недели пред тие да ги пријават своите први случаи, покажа големата нова владина студија, која укажува на присуство на вирусот во земјата уште во декември 2019 година.
Учесниците во истражувањето, кои пријавиле антитела против САРС-CoV-2, веројатно биле изложени на вирусот најмалку неколку недели пред да се земе примерокот, бидејќи антителата се појавуваат околу две недели по инфекцијата, велат истражувачите, објави Ројтерс.
Примероците се од Илиноис, Масачусетс, Мисисипи, Пенсилванија и Висконсин и се дел од истражувањето кое опфати повеќе од 24 000 учесници во програмата за истражување на Националниот институт за здравство помеѓу 2 јануари и 18 март 2020 година.
Од седум примероци, три биле од Илиноис, каде што првиот потврден случај на коронавирус бил пријавен на 24 јануари, додека останатите четири држави имале по еден случај.
Примероци од учесници во Илиноис се земени на 7 јануари, а од Масачусетс на 8 јануари.
Податоците сугерираат дека вирусот бил присутен во американските држави многу пред да се појават жаришта и области кои се сметале за влезни точки на вирусот во земјата, се вели во студијата.
Ова не е прв пат да се тврди дека коронавирусот постоела уште пред официјално да се прогласат првите случаи.
И во Италија, една студија за отпадните води укажала на траги од коронавирусот во отпадните води собрани од Милано и Торино во декември 2019 година, што сугерира дека ковид-19 веќе циркулирал во Северна Италија.
Во меѓувреме, студија во Шпанија открила траги од вирусот во отпадни води собрани во средината на јануари во Барселона, околу 40 дена пред да се открие првиот локален случај на заразата.
Француски научници во мај лани соопштија дека тестовите на примероци покажале дека пациент кој бил лекуван од пневмонија во близина на Париз на 27 декември 2019, всушност имал коронавирус.