Во Русија утре почнуваат претседателските избори

by Fokus

Во Русија претседателските избори ќе почнат утре и ќе траат до 17 март, а за време на кои актуелниот претседател Владимир Путин се кандидира за петти мандат.

Ова се први претседателски избори на кои гласаат жителите на четирите украински региони – регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа анектирани од Русија во септември 2022 година.

Според законот за избори за претседател на Руската Федерација, граѓаните на Русија можат да учествуваат на претседателските избори како независни кандидати или како кандидати на политички партии, а за да се пријават за учество на изборите треба да достават соодветна документација до Централната изборна комисија.

Анкетите и истражувањата на јавното мислење објавени од руските државни медиуми покажуваат дека Путин ужива поддршка од околу 80 отсто од граѓаните, што е повеќе отколку пред почетокот на војната во Украина.

Неговата кандидатура за петтиот мандат беше овозможена откако Државната Дума ги усвои амандманите на Уставот во 2021 година според кои, меѓу другото, ограничувањето на бројот на мандати во кои едно лице може да биде претседател на Русија се однесува на актуелниот лидер на земјата, без да се земат предвид неговите претходни претседателски мандати.

Покрај Путин, на изборите учествуваат и претседателот на Либерално-демократската партија на Русија, Леонид Слуцки, кандидатот на Комунистичката партија Николај Харитонов и кандидатот на партијата „Нови народи“ Владислав Даванков.

Сепак, на изборите нема да учествува опозицискиот политичар Борис Надеждин, кој минатиот месец беше дисквалификуван од Централната изборна комисија поради наводно направени пропусти при собирањето потписи.

Врховниот суд на Русија ја одби жалбата на Надеждин против одлуката на Централната изборна комисија.

Претседателските избори ќе ги набљудуваат делегации од 36 земји и пет меѓународни организации, а акредитирани се повеќе од 200 парламентарни набљудувачи и неколку десетици експерти за изборниот процес, соопшти Советот на Руската Федерација.

Во Русија право на глас имаат околу 110 милиони граѓани, а резултатите од претседателските избори треба да бидат објавени најдоцна до 28 март, пренесува Танјуг.

Поврзани новости