Во Русија речиси 30.000 новозаразени со ковид

by Fokus

Во Русија има нов дневен рекорд на бројот на заболени од коронавирус, додека земјата се бори против ширењето на делта-сојот на вирусот, првпат идентификуван во Индија во услови на слаба вакцинираност на населението, пишува Радио Слободна Европа.

Според официјалните статистики, во изминатото деноноќие се регистрирани 29.652 нови случаи во Русија со што вкупниот број заразени од почетокот на пандемијата надмина 5,5 милиони. Претходниот дневен рекорд беше во декември, кога имаше по над 20 илјади случаи дневно.

Во исто време, властите соопштија дека планот за број на вакцинирани луѓе нема да биде исполнет до есен.

Засиленото ширење на вирусот во Москва и во Санкт Петерсбург ги принуди властите да воведат нови ограничувања.

Санкт Петерсбург, кој на 2 јули треба да биде домаќин на четвртфинален меч од Европското првенство во фудбал, имаше рекорди 119 починати, додека во Москва има 121 починат во изминатото деноноќие, еден ден по црниот рекорд од 124 мртви.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин рече дека 90 отсто од новите случаи во главниот град се од делта-сојот, каде што во изминатите 24 часа се регистрирани над 6000 заразени.

Како дел од мерките за спречување на ширењето, Собјанин им нареди на фирмите да испратат дома 30 отсто од невакцинираните вработени, а во угостителските објекти им е дозволен влез само на вакцинираните и оние кои го прележале вирусот во изминатата половина година.

Москва исто така е првиот град во Русија што воведе задолжителна вакцинација, барајќи најмалку 60 отсто од вработените во услужниот сектор да се вакцинираат до средината на август.

Во услови на широко распространет скептицизам околу домашните вакцини, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков рече дека Русија нема да го исполни планот да вакцинира 60 отсто од населението до есен.

Во земјата од 146 милиони жители, само нешто над 22 милиони луѓе примиле барем една доза од вакцината.

Со 134 илјади починати досега, Русија има најголем број жртви од коронавирусот во Европа. Според пошироката дефиниција за смртни случаи што ја користи државната статистичка агенција Росат бројот на жртви од почетокот на пандемијата е 270 илјади луѓе. Критичарите често забележуваат дека бројот на починати од коронавирус во Русија е поголем отколку што официјално се соопштува.

Во Британија, пак, и покрај растот на бројот на заболени од делта-сојот, министерот за здравство Саџид Џавид рече дека сите ограничувања ќе бидат укинати на 19 јули, откако ќе се вакцинираат две третини од возрасното население.

Поврзани новости