Во Ротердам запленет кокаин во вредност од 600 милиони евра

by Fokus

Цариниците во Ротердам заплениле осум тони кокаин во вредност од околу 600 милиони евра, најмногу досега во тоа холандско пристаниште, објави обвинителството.

Дрогата била скриена во контејнери со банани од Еквадор. Во јули беа откриени повеќе од 8.000 пакети од кои секој содржеше по килограм кокаин, но поради истрагата веста беше објавена дури денеска.

Дрогата била испорачана од Еквадор преку Панама до Ротердам, се вели во соопштението на јавното обвинителство на Ротердам.

Кучињата го намирисале кокаинот во 12 палети банани, а цариниците го скенирале контејнерот за да ја потврдат дрогата на 13 јули.

Досега најголемата заплена била на пратка од 4,5 тони кокаин. Ротердам е едно од главните пристаништа за шверц на дрога во Европа.

Минатата година, околу 47 тони дрога беа откриени во најголемото европско пристаниште, но иследниците велат дека успеваат да откријат само 50 до 60 отсто од дрогата што се шверцува низ Ротердам.

Поврзани новости