Припадници на Одделот за криминалистичка полиција при Секторот за недозволена трговија со дрога, во координација со СВР Велес, пронајдоа насад со 65 стебла канабис во висина од 2,5 до четири метри во местото Јаворица во близина на Демир Капија, соопшти денеска МВР.
При акцијата, спроведена вчера, на лице место се приведени две лица – С.С. (33) и А.С. (56) од Демир Капија, поради соменж за недозволено производство и продажба на марихуана.
Како што се наведува во соопштението на локацијата се пронајдени и цевки за наводнување, како и друга опрема за обезбедување и заштита на насадот.
– Извршени се и претреси на две локации во околината на Неготино, при што се пронајдени два карабина и една ловна пушка, како и поголемо количество цветови од канабис подготвени за сушење и продажба, се додава во соопштението.
Основното јавно обвинителство – Неготино против двете осомничени лица денеска ќе поднесе кривична пријава по член 215 и член 396 од Кривичниот закон.
Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивни акции со цел сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и другите видови криминал, се наведува во полициското соопштение.