Засилени контроли во угостителските објекти во Струмица

by Fokus

Во угостителски објекти во Струмица не бил ограничен бројот на гости кои може да седат, поточно на повеќе стоечки маси немало толку столови колку што имало лица околу масите, на масите немало поставено дезинфекциски средства, не било зачувано потребното растојание и не се носеле заштитни маски.

Овие неправилности ги констатирале полицијата и инспектори од Државниот пазарен инспекторат и општинските комунални инспектори за време на минатиот викенд во Струмица, кога биле контролирани 24 угостителски објекти за почитување на одлуките и протоколите од Владата во врска со корона вирусот.

При вршењето контрола, полицијата и инспекторите напишале повеќе кривични и прекршочни пријави.

-Во петокот и саботата извршена е контрола на шест угостителски објекти на подрачјето на Општина Струмица, во еден угостителски објект се констатирани две кривични дела, а во три угостителски објекти констатирани се по три прекршоци од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и од Законот за јавна чистота. Ноќта меѓу сабота и недела од страна на полициски службеници извршена е контрола на 18 угостителски објекти на подрачјето на општина Струмица. Во еден угостителски објект било констатирано непочитување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, како и Протоколот за отворање и работа на кафетерии, информираат од СВР Струмица.

Поврзани новости