Во притвор двајца Срби и петмина Македонци по откриената лабораторија за дрога во Тетово

by fokus

Судија на претроходна постпака им определи мерка притвор во траење од 30 дена на седум осомничени лица по откриената лабораторија за дрога во Тетово за производство на синтетички дроги. Двајца од притворените се државјани на Република Србија, а петмина се државјани на Македонија. Според Основното јавно обвинителство,  групата произвела околу 204.696 парчиња таблетки, а се претпоставува дека лабораторијата е најголема од овој вид во Југоисточна Европа.

Притворените се сомничат дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик.

Од јавното обвинителство претходно информираа дека на 30 ноември и први декември, согласно поведената кривична постапка против Меѓународна организирана криминална група, што се занимава со неовластено производство и држење заради продажба на тнр. „Синтетички дроги“, Министерството за внатрешни работи, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, врз основа на наредби издадени од судија на претходна постапка, изврши претрес на повеќе објекти и локации на подрачјето на Тетово и Скопје.

„При претресот на локацијата во Тетово е откриена инсталирана нелегална, лабораторија – погон за одвивање на техничко-технолошки процес за неовластена преработка на различни материи и супстанции за неовластено производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, како и големи колични на различни материи и супстанции. На локација во скопско Батинци е откриена опрема и големи количини на материи, за кои основано се сомнева дека се со истата намена, како пронајдените во Тетово. Од првично извршените вештачења на помал дел од пронајдените супстанции е утврдено дека групата произвела во форма на таблетки вкупно 204.696 парчиња со вкупна маса од 35,044 килограми. Таблетите содржат активна компонента на психотропна супстанца -амфетамин, која е стимуланс на централниот нервен систем класифициран во Листа II на забранети опојни дроги и психотропни супстанции. Во тек се вештачења над останатите пронајдени материи и супстанции за што јавноста континуирано ќе биде известувана“, велат од ОЈО.

Од таму додаваат дека продолжува и меѓународната правна соработка помеѓу Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со Јавното обвинителство за организиран криминал во Република Србија за целосно расветлување на случајот.​

Поврзани новости