Во фабриката во тетовско Фалише изгоре голема количина на бои, лакови и друг вид хемикалии.
Екипа на Центарот за јавно здравје препорачува граѓаните да останат дома и да не излегуваат без потреба бидејќи, како што информираат, согорувањето на вакви материи создава отровни и штетни гасови во воздухот.
„Во моментов имаме јаглен моноксид, јаглен диоксид, пожарникарите се изложени. Диоксини и фурани се опасни материи, штетни материи. Наша препорака е без потреба да не се биде на ова место и во радиус од два километри. Луѓето да бидат дома и да не излегуваат. Потоа ќе се испита водата и почвата“, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, изјави дека од Одделот за биолошко и хемиско оружје во Армијата е побарано да се испита колкаво е загадувањето.
„Се работи за голема количина на бои и лакови, и други хемикалии. Зборував со сопственикот и се работи за голема количина можеби и 100 тона, не можат да утврдат колку точно колку средства имало во моментот. Стапивме во контакт и со Армијата од одделот за биолошко и хемиско оружје кои минатиопт пат кога имаше голем пожар ги искористивме за испитување на постоење на отрови во воздухот“ изјави Ангелов.
Пожарот избувнал утрото околу 10:30 часот. Во гаснењето на пожарот, покрај тетовските, учествуваа и пожарникари од Скопје, Гостивар, Велес и Куманово.
Огнот е ставен под контрола и според најавата, спречено е пожарот да се прошири на друг објект.