Неколку минути пред истекувањето на шестдневното примирје, Израел и Хамас се согласија да го продолжат прекинот на огнот за барем уште еден ден.
Израелската војска соопшти дека примирјето ќе продолжи поради настојувањата на посредниците да го продолжат процесот на ослободување на заложниците држени во Газа во замена за палестински заробеници.
Хамас, кој вчера ослободи 16 заложници за ослободување на триесет Палестинци од израелските затвори, во изјава кажа дека примирјето ќе продолжи седми ден. Милитантната група која владее со Газа претходно објави дека Израел одбил во замена за понатамошно продолжување на примирјето да прими седум жени и деца кои Хамас ги држи како заложници, како и телата на уште тројца за кои Палестинците тврдат дека се убиени за време на израелските бомбардирања на енклавата.
Портпаролот на израелската војска Дорон Шпилман претходно исто така кажа дека не е постигнат договор за следните заложници кои ќе бидат ослободени.