Предметот „Тенк“ е прв случај на Специјалното јавно обвинителство што е пред целосно пресудување. Вчерашната одлука на Апелацискиот суд во Скопје како неоснована ја одби жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски и во целост ја потврди првостепената пресуда од 23 мај, за затворска казна од две години. Груевски е виновен за поттикнување за извршување на делото за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.
Судот делумно ја прифати жалбата на обвинетиот поранешен помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски и го преиначи делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од четири години и шест месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди. Поповски во мај беше осуден на шест години и шест месеци затвор, а второобвинетиот Никола Груевски како на две години затвор.
Според Основен суд Скопје 1, судијата за извршување санкции, согласно Законските одредби, изготвува упатен акт, што го доставува до осудените лица во предметот и истите, по приемот, се должни доброволно да се јават на извршување на определната санкција.
Одлуката на Апелција Груевски ја дочека на судење во Кривичниот суд за предметот „Титаник“ во кој е обвинет за изборни нерегуларности. На паузата од рочиштето Груевски за медиумите рече дека ова претставува политички притисок и политички прогон.
– Како што знаете станува збор за политички прогон, за политички монтиран процес што се тера. Единствено нешто што се промени од мојата прес-конференција во Собранието е што одложија за после референдумот наместо пред него, изјави Груевски.
Обвини дека се врши политички притисок врз судот, посочувајќи на изјава на в.д. претседателката на Апелација дека требало да се потврди неговата пресуда. Кажа дека се уште не го добил решението и дека ќе ги искористи сите правни лекови кои му се на располагање.
Во „Тенк“ обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за кое обвинение се води издвоена постапка. Кривичниот суд во април оваа година ја издвои постапката поради отворено лекарско боледување од приватна болница, поради ризична бременост. Во оваа постапка, судечкиот совет на последното рочиште кога беа дадени завршните зборови, најави дека пресудата ќе ја соопшти на 8 октомври.