На аеродромот во Панама е уапсен хрватски државјанин (74), по кого од Хрватска била распишана потерница од Интерпол за поттикнување убиство во 1995 година. Мажот, чие име не е објавено, е приведен на аеродромот во Токумен, град во централна Панама, соопшти тамошната полиција.
– Националната полиција уапси на аеродромот во Токумен странски државјанин кој властите во Хрватска го бараат за убиство – објави вчера панамската полиција на Твитер. Токму таму таа објави видео на кое се гледаат двајца локални полицајци на Интерпол како водат маж, чие лице беше заматено, во автомобил пред аеродромот.
La Policía Nacional a través de @INTERPOL_HQ, aprehenden en el Aeropuerto Internacional de Tocumen a un extranjero requerido por las autoridades de Croacia por el delito de homicidio. #SinTregua pic.twitter.com/D22hNow4Lf
— Ministerio de Seguridad Pública de Panamá (@MinSegPma) June 2, 2023
Хрватската полиција во саботата за Хина одговорила дека станува збор за човек осуден во Хрватска на 15 години затвор, кој не е достапен за хрватското правосудство.
– Можеме да потврдиме дека во Панама е уапсен хрватски државјанин (роден 1949 г.) врз основа на потерница на хрватски Интерпол издадена заради издржување затворска казна од 15 години, изречена со пресуда на Жупанискиот суд во Риека за сторено кривичното дело убиство во 1995 година – соопшти хрватската полиција.
Телеграма неофицијално дознава дека се работи за Марио Печавер и дека случајот за кој се барал е убиството на Љубомир Новак, богат претприемач и повратник од Шведска кој живеел во Цриквеница. Нови лист претходно пишуваше дека Печавер и неговата ќерка Ана се осудени за поттикнување на убиството.
Тие побегнаа во странство години пред да почне судењето, па им се судеше во отсуство. Освен нив, осудени се уште три лица.