Во Обвинителството за гонење на организиран криминал има испразнети три позиции и се поизвесно е дека таму нема да има место за сите обвинители од Специјалното јавно обвинителство. И покрај нивните капацитети и тоа што ги водеа едни од најкомлицираните предмети, најголемиот дел ќе се вратат во матичните обвинителства.
Претседателот на Советот за јавни обвинители вели дека нема пречки да се објави оглас и да се пополнат испразнетите места во Обвинителството за гонење на организиран криминал, но вели дека треба да се направи анализа дали има потреба од зголемување на бројот на обвинителите.
-Треба да се изврши анализа на нивната работа, колку предмети работат во моментот, бројот на донесените истраги, бројот на поднесените обвиниенија, за Советот да донесе заклучок дали има потреба од зголемување на бројот на обвинители – изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски.
Засега обвинителите од СЈО фокусирани се само на судските и истражните предмети кои ги работеа во Обвинтелството коешто згасна, и не им се доделуваат други предмети од матичните обвинителство.
Од сите обвинители кои беа во СЈО, од организиран криминал дојде само обвинителката Лиле Стефанова и токму таа води неколку од клучните предмети на СЈО. Законски таа треба да се врати во радовишкото обвинителство.
Советот за јавни обвинители избра обвинители во неколку градови од внатрешноста, а осум обвинители во Скопје ќе бидат избрани во вторник.