Во ОЈО нема пријава за ниту една општина за малверзации со јавното осветлување

by Fokus

До овој момент, ниту една надлежна институција не доставила пријава за сторено кривично дело поврзано со евентуални злоупотреби на јавното осветлување на општините, велат за „Фокус“ од Основното јавно обвинителство во Скопје.

-Јавното обвинителство е надлежно да постапува во предмети во кои постојат сомненија за сторено кривично дело. Доколку обвинителството добие какви било индиции за сторено кривично дело, ќе постапи согласно своите законски надлежности, додаваат од ОЈО.

Засега имињата на општините не се познати, а информацијата и на синоќешното гостување на твТелма, претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимовски одби да ги посочи, но сепак остана на ставот од саботата дека со цел да ги намалат своите трошоци,  општините формирале јавни претпријатија преку кои електричната енергија за улично осветлување ја добиваат од ЕВН, по цена за домаќинствата.

Од ЗЕЛС за „Фокус“ тврдат дека ниту ги советувале ниту пак има информација кои се општините кои ги посочи Бислимовски.

Министерството за економија под чија надлежност се јавните претпријатија втор ден е без одговор.

Според Бислимовски трошокот од 30 милиони евра, што го направиле општините значи 10 отсто зголемување на електричната енергија за граѓаните од јули. Тој трошок РЕК сега ќе го префрли назад кај сите тие општини.

Во моментов, РКЕ работи на креирање нов тарифник за електрична енергија. Бислимовски вели дека очекувањата се некаде да се движи од 150 до 250 киловат часови првиот блок, само за скапа тарифа, па потоа од 250 до кај 300 , 400 па 400 и нагоре.

Тој додава дека цената на сметките за струја најмногу ќе зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ и со цел да се спречи големо покачување, Бислимовски бара државните електрани да обезбеди сто проценти од потребите на „ЕВН ХОУМ“.

С.Т.

Поврзани новости