Без никакви дилеми остануваме на линија на позициите на сојузниците од НАТО за цврста и недвосмислена осуда на руската воена агресија врз Украина како директна закана за мирот и стабилноста во Европа.
Ова денеска го нагласи министерот за надворешни работи, Бујар Османи во видео обраќање на панелот „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“ на вториот ден од годишната конференција „Година на нови можности“ што ја организира Владата.
Тој се осврна и на претседавањето на земјава со ОБСЕ, истакнувајќи дека тоа претставува историски момент за Македонија, но и голем дипломатски предизвик, бидејќи се одвива во исклучително сложени меѓународни односи.
Врвен приоритет, потенцира шефот на дипломатијата, ќе бидат добрососедските односи. Во однос на Бугарија, рече тој, имаме искрени намери, да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка воспоставен минатата година.
– Остануваме посветени да работиме на смирување на тензиите и деескалација на вжештената атмосфера, рече Османи, додавајќи дека за нас е важно да не дозволиме провокации од двете страни на границата.