Земјата во новата година да се фокусира на реформите неопходни за влез во ЕУ, цел која бара обединување на политичарите од целиот политички спектар и општеството, порача евроамбасадорот Дејвид Гир кој е во работна посета на Делчево.
-Сметам дека главната порака се реформите, главните реформи што се неопходни за оваа земја да влезе во ЕУ, а тие реформи се, пред се, во интерес на самите граѓаните. Тие опфаќаат широк опсег на прашања кои што ги засегаат граѓаните од владеење на правото, преку борбата против корупцијата, се до подигање на животниот стандард и градење на економијата.
Ова е работа што ќе ја предводи Владата, но треба да ги обедини сите од целиот политички спектар и од сите делови на општеството заеднички да работат за да се постигне целта – мирна, демократска и просперитетна земја во ЕУ, изјави Гир на новинарско прашање кој треба да биде фокусот на власта во новава година во однос на нејзината евроинтеграција.