Во Неготино почна изградба на социјална зграда во која ќе можат да се вселат 62 семејства од социјално ранливите категории. Според Генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски, рокот за изградба е 18 месеци.
-Можно е оваа зграда да биде завршена и пред утврдениот термин и сите оние лица кои имаат проблем во делот на станбеното прашање, а ги исполнуваат критериумите порано да добијат кров над глава – изјави Трајковски.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, најави вакви објекти и во други градови.
„Наша обврска е да создадеме услови сите овие лица да добијат кров над глава, сигурност и подобри услови за живот. Годинава ќе отпочнеме да градиме згради со ваква намена и во Гевгелија, Виница, Пехчево, Свети Николе, Дебар, Велес и Скопје. Ова е еден од начините како оваа Влада води сметка за згрижување на овие лица – рече тој.