Во недела детска ,,Евровизија”: По три последни места, ќе го скршиме ли мразот со Марија?

by fokus

Во недела, на 25-ти ноември во Минск, Белорусија ќе се одржи детската ,,Евровизија 2018”. Македонија ќе ја претставува 13- годишната Марија Спасовска од Скопје, со песната ,,Дома”. Текстот на песната е на поп пејачката Елена Ристеска, додека музиката и аранжманот се на Дарко Димитров.

Според реакциите на социјалните мрежи, песната е одлична балада на која што и се предвидува висок пласман, и добар дел од љубителите на Евровизија изразија надеж и верба дека Марија конечно ќе го скрши мразот и ќе се врати со награда. Годинава нашата земја ќе учествува на овој натпревар по 14-ти пат.

Мината година го освоивме 12-то место со Мина Блажев со песната ,,Dancing through life”. Нашиот најдобар пласман и понатаму останува 5-то место, кое го освоија Росица и Димитар во 2007 година и Боби Андонов во 2008 година. Најлош пласман, односно на последно место се пласиравме во 2006, 2013 и 2015 година. И покрај константните лоши пласмани на ,,Евровизија” и на детска ,,Евровизија”, Македонија не се откажува од учеството и Македонската радио телевизија МРТ редовно праќа учесници.

Околу тоа колку средства од буџетот се одвојуваат за настанот, и годинава останува тајна, но дознаваме дека тимот на нашата делегација не се менува, и истите луѓе повторно се задолжени за организацијата. Неофицијално, само за котизација за детска ,,Евровизија” МРТ издвојува 5.000 евра. На 16-то издание на манифестацијата ќе учествуваат вкупно 20 земји.

Вики Клинчарова

Поврзани новости