Во Македонија досега нема случаи треска предизикана од вирусот Западен Нил, но се очекува и кај нас да се појави болеста, соопшти Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објави Мета.
Таа рече дека лабораториските анализи на двата сомнителни случаи, возрасна жена и дете, биле негативни, односно не е утврдено присуство на вирусот. Кузмановска посочи на состојбата во соседството, со повеќе од сто случаи во Србија годинава и 55 заболени во Грција во последните две седмици и рече дека вирусот може да се појави набргу и кај нас.
– Очекуваме и кај нас да се појави случај. Не може да се предвиди кога болеста ќе се појави, а може многу брзо да се рашири – рече таа.
Овој вирус се пренесува од комарци, па Кузмановска препорача да се користат средства за заштита од комарци, да се носи облека што ќе спречи каснувања, како и да се заштитат прозорците и вратите со комарници.