Рекордни седум илјади сириски бегалци пристигнаа во Македонија вчера, а околу 30.000 се наоѓаат на грчките острови, вклучувајќи 20.000 на островот Лезбос, соопшти денеска УНХЦР.
-Европа треба да предложи гарантирано преселување на сириските бегалци, бидејќи рекорден број луѓе се собираат во Македонија и во Грција, поради проблемите во татковината и во соседните држави, објавија денеска од УНХЦР.
Портпаролката на Високиот комесаријат за бегалци на ОН, Мелиса Флеминг, ги поздрави поединечните предлози на Велика Британија и на Франција да прифатат сириски бегалци, но посочи дека прифатни центри треба да бидат изградени во земји како Унгарија и Грција.
-Тие ќе можат да работат само ако има систем за гарантирано преселување, при што европските држави ќе кажат „Да“, ќе прифатиме „ Х“ број бегалци. Ние сметаме дека системот треба да биде за 200.000 луѓе – толку мислиме дека ќе имаат потреба од преселување во европски држави, рече Флеминг.