Во Македонија вакцината „АстраЗенека“ нема да се дава на лица помлади од 60 години, соопшти Филипче

by fokus

По разгледување на ставот на Одборот на Европската агенција за лекови (ЕМА) во врска со безбедноста на вакцината на АстраЗенека, донесовме став во нашата земја таа вакцина да не се дава на лица помлади од 60 години, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој истакна дека за ставот на ЕМА во врска со безбедноста на вакцината на АстраЗенека разговарал со членовите на работната група за имунизација и со повеќе директори на клиники.

– После евалуацијата на сите тие несакани ефекти во форма на тромботични состојби посебно кај млади луѓе Одборот излезе со две препораки – првата е дека тие несакани тромботични ефекти треба да влезат во упатството на самата вакцина и второ дека секоја држава треба да заземе став во однос на тоа како ќе се користи вакцината. Согласно тоа по утринските консултации донесовме став во нашата земја вакцината на „Астра Зенека“ да не се дава на помлади лица од 60 години, рече Филипче.

Министерот посочи дека за тие што веќе добија една доза вакцина на АстраЗенека, а тоа се луѓето кои се вакцинираа во Србија, нема никакви препораки за каква било претпазливост, освен ако имаат некакви симптоми да се јават на контрола и преглед на лекар.

– Во однос на ревакцината со оглед на тоа што треба да дојде за период од три месеци засега нема некаков став, а ќе ги следиме и насоките од ЕМА и од други национални агенции и во текот на следниот период ќе заземеме став и во однос на ова прашање, додаде Филипче.

Оваа вакцина кај нас се дава на лица постари од 77 години, а ЕМА вчера соопшти дека е можна поврзаност на вакцината со случаите на тромбоза по нејзино примање, но даде препорака секоја земја да си изгради став на која старосна група ќе ја дава.

Поврзани новости