Во Македонија секој има право да купи отров со кој може да затруе половина Скопје!?

by Фокус

Текстот е објавен на 25 јануари 2013-та во неделникот „Фокус“ во бројот 917  

Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА

Кога Андерс Брејвик, додека седел со своите пријатели им соопштил дека сака да биде земјоделец и да емигрира во Осло, Норвешка, сите биле вчудовидени, но среќни. Бидејќи бил невработен во последните пет години, а деновите ги поминувал играјќи видеоигри, тој конечно решил да се занимава со нешто. Сакал да одгледува дињи, зеленчук  и корења. Во мај 2009 година Брејвик почнува да ја остварува својата желба, зад која се крие се, освен љубов кон земјоделството.

Отвора компанија, „Брејвик Геофарм” како земјоделец, трговец-поединец, се сели 140 километри североисточно од Осло и тука почнува неговата работа. Не за да одгледува зеленчук, туку фармата ја користи како покритие за законски да може да купи големи количества вештачки ѓубрива, пестициди, инсектициди и други хемикалии за да произведе експлозив.

Да потсетиме дека Брејвик на 22 јули 2011 година уби 77 луѓе во Норвешка, откако подметна бомба (направена со купените хемикалии) во близина на зградата на норвешката Влада во Осло, а потоа на островот Утоја пукаше кон учесниците на летниот камп на младите лабуристи.

Брејвик поминал години и години за да го направи планот со цел да ги купи хемикалиите во Норвешка. Успеа да ги прелаже законите и властите и на тој начин да усмрти 77 лица.

Во Македонија не е потребно да се лажат законите и институциите – хемикалија, односно отров од прва категорија може да купи буквално секој. Редакцијата на „Фокус” помина само 70 километри и за 350 денари ја купи најтоксичната материја – инсектицидот „Метомил” од 90 проценти, отров со кој може да се затруе половина град. Никој не не праша ни кои сме, ни зошто сме, ниту, пак, дали имаме лиценца. Едноставно, ни го продадоа со фискална сметка во земјоделска аптека во Ново Лисиче.

ВО ТАЈЛАНД СЕ ЗАТВОРААТ СУПЕРМАРКЕТИ

Белиот прав спакуван во црвена кеса, кој нема ниту мирис, ниту, пак, вкус, не е забранет во Македонија. По неколку неуспешни обиди, го најдовме во земјоделска аптека во Ново Лисиче. На него стојат знаци: „Штетно за здравје” и „Отров”. Исто така пишува: „Средството е отровно за луѓето, рибите и за топлокрвните организми, а по содржината на активна материја спаѓа во првата група отрови според Законот за промет на отрови”.

Овој отров во Македонија се наоѓа на Националната листа на одобрени производи и активни супстанци за 2012 година од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Голема врева се крена и во земјите на Европската унија дали овој отров наменет против инсекти што навлегуваат во растенијата треба да се користи, поради огромната штетност што ја предизвикува по здравјето на човекот. Или, да ја цитираме Википедија: „Метомилот почна да се произведува во 1966 година, но неговата употреба беше забранета поради големата отровност за луѓето. Европската унија и Велика Британија дозволија рестрикција на овој пестицид само од 0,02 милиграми на еден килограм и тоа само за јаболки и за портокали”.

Во Тајланд беа затворени голем број супермаркети пред шест месеци, кога беа најдени овошја на рафтовите со преголемо количество од четири канцерогени хемикалии, меѓу кои и метонилот.

„Фондацијата Био Таи, водечката фирма за хемиска индустрија инсистира да се стават овие хемикалии на националната листа, иако голем број развиени држави ги отфрлаат”, пишува Википедија.

Тоа што се случи во Тајланд, се случува и во Македонија, со таа разлика што кај нас отровот метонил, кој е активна супстанца на инсектицидите „Ланате” и „Неомил” досега има усмртено многу луѓе, домашни миленици и бездомни кучиња. Се наоѓаше по детски игралишта, училишни дворови, покрај контејнери.

Граѓаните од речиси секоја населба во Скопје се сведоци на вирчиња крв по улиците, како резултат на труењето со отровот „Ланате”. Епилог нема. Виновник нема. Отровите слободно се продаваат, без никој да биде санкциониран според Законот за производи за заштита на растенија и според Националната листа, во која децидно пишува: ДОЗВОЛЕН САМО ЗА ПРОФЕСИОНАЛНА УПОТРЕБА.

УЛИЦИ ПРЕПЛАВЕНИ СО КРВ

Граѓаните од Бутел во саботата се разбудија со страшна глетка на главната улица во населбата, кога видоа крв разлеана по улиците, како во хорор-филм, како во текот на ноќта да се случувал масакр. Сред улица лежеа две безживотни тела на кучиња, а крв им излегуваше од устата, очите и од аналниот отвор.

– Шокирани жители од населбата ни се јавија веќе од 7 часот сабајле дека кучиња со неконтролирано тетеравење, мускулни движења по целото тело, силна дијареја, крв во изметот, како и куп крвишта од устата, дури и очите, умираат пред нив, затруени во терминална фаза.

Дел од граѓаните се обиделе да помогнат, но залудно, зошто кучињата биле отруени со силен раздорен нервен отров. Остатоци од отровот со сигурност има на површините каде што поминале и завршиле овие кучиња, а само вдишување на вака разорни отрови можат во 5 минути да убијат или трајно да осакатат дете – велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди”.

Во масакрот што се случил во Бутел настрадаа и домашни миленици чии сопственици ги изнеле на прошетка. Само од вдишувањето на отровот, кај животното почнала 15-минутната агонија.

– Го пуштив кучето да шета и наеднаш почна да се тетерави и падна. Не можам да се повратам од она што ми се случи. Го гледаш своето милениче, со солзи в очи, се тресе, а немаш како да му помогнеш. Во рок од четири минути стигнав до Ветеринарна амбуланта, буквално летав, мислев дека може да се спаси, но испадна дека само се измачи дополнително.

Ветеринарите изјавија дека нема спас и дека само што вдишало, отровот удрил по нервниот систем. Ме известија дека станува збор за отровот „Ланате”, кој дава вакви знаци на труење. Кога тргнав накај дома, на улицата лежеа уште три мртви кучиња со истите симптоми, а утрото уште две нови – вели жител од населбата Бутел.

Со оглед на тоа што во рок од само 6 месеци, според здруженијата за заштита на животни, ова е десетти регистриран пат на масовно труење со отровот „Ланате”, редакцијата на „Фокус” тргна во обид да открие каде се крие проблемот во слободната продажба на отрови кои буквално го доведуваат во опасност животот на секој граѓанин што ќе дојде во допир со отровната материја.

Капиштец, Кисела Вода, Штип, Велешко, Бутел и Радишани се само дел од местата кои беа преплавени со отров, ставен во месо или во леб, храна до која лесно можат да дојдат луѓето, а посебно децата, бидејќи храната со отров, освен покрај контејнери, често е оставана на детски игралишта и во училишни дворови.

– Доаѓањето во допир со овој отров несомнено доведува до смрт кај човекот, а неговото вдишување остава трајни последици по респираторниот систем. Најзагрозени од расфрлањето на отровите се децата, бездомниците и животните – велат од Клиниката за токсикологија.

„ГРАТИС“ ОТРОВ

Прво се упативме во земјоделските аптеки во населбата Бутел, каде што се случија последните труења со отровот „Ланате”. Ги снимивме разговорите со вработените во аптеките, кои очигледно беа запознаени со последниот случај, па беа дистанцирани. Еве како течеше разговорот:

– Извинете, имате ли „Ланате”?

– Не, не, тој е забранет за продажба, не го продаваме. Бегај таму, да не нѐ затворат!

– Како забранет, не е забранет…

– Ланате?! По „Службен весник” е забранет, тој е отров од прва класа. Тој нема ни вкус ни мирис, ништо, стави му вода и човек умира одма. Стави го во вода, ќе видиш, нема ни да ја обои водата, а секунди се во прашање кога човекот ќе изгуби свест и ќе умре додека да ја испие.

Се упативме во соседната земјоделска аптека во Бутел, каде што уште кога побаравме „Ланате”, продавачката ни рече:

– Зошто ви е, сакате да труете кучиња?

– Не, татко ми е земјоделец, за него го купувам – и одговорив.

– Немаме такво нешто, забрането е за продажба – ми рече.

По неколку поминати земјоделски аптеки стигнавме до аптека во населбата Ново Лисиче.

– Извинете, имате ли „Ланате”?

– Не, ама имаме препарат со истиот состав само од друга фирма, „Неомил”.

– Колку чини?

– 350 денари е 100 грама.

И така, од земјоделската аптека излеговме со смртоносниот отров в раце, за кој ни беше издадена и фискална сметка. Нејасно остана само прашањето како е можно за некои земјоделски аптеки да е забранет, а некаде да ни го продадат како небаре да купуваме паста за заби.

ШТО, ВСУШНОСТ, ЈАДЕМЕ?

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ни беше испратена Националната листа на одобрени производи и активни супстанци за 2012 година, на која го најдовме и препаратот што го купивме, односно активната супстанца метомил е дозволена за продажба во земјава, со препорака таа да се користи само за професионална употреба. Но, ние во земјоделската аптека не влеговме како професионални, туку како физички лица, не нѐ прашаа за која намена ни е, не бевме евидентирани, а не сме ниту регистрирани земјоделци.

Од инспекторатот за земјоделство ни изјавија дека тие се предводат од дозволените листи на производи за продажба во Европската унија, па така, овој препарат се наоѓа во земјоделските аптеки во земјава.

– Ланате 20 е дозволен за продажба, додека Ланате 70, кој има поголемо учество на активна материја е забранет. Ние се водиме според европските прописи, а секаде каде што ќе најдеме недозволени супстанци ги запленуваме. За законите ние не сме одговорни, само се грижиме за нивната примена – вели Румен Стаменов, директор на инспекторатот.

Но, стандардите можеби се исти во европските држави, но не и нивната имплементација, а професори од Земјоделскиот факултет во Скопје ни ги раскажаа искуствата што ги имале надвор од Македонија.

– При нашата последна посета во Германија ни беа презентирани стандардите за користење на овие отровни супстанци. Секој што сака да користи вакви препарати треба да помине испит по токсикологија и испит за начинот на примена, па дури потоа да може да третира растенија. Апаратурата што ја користи мора да биде баждарена и на неколку години мора да се тестира, а во спротивно секој земјоделец ја губи лиценцата за работа.

Во Словенија е слично, не може секое физичко лице да влезе во земјоделска аптека и да купи отров, за тоа му е потребен рецепт – ни изјави професор на Земјоделскиот факултет.

Ниту еден од професорите со кои разговаравме не го оправдуваат начинот на кои се користат овие отрови во земјава.

– Едно се прописите, а друга е злоупотребата која кај нас не се санкционира. Умирачката од отровите што содржат метомил се најтешки, необјасниво е што му се случува на организмот. Тој многу брзо се разградува и тоа е неговата позитивна страна. Но неговата негативна страна е тоа што има иницијална токсичност. Дејствува брзо и за неколку минути доаѓа до првите симптоми, грчење на мускулатурата, страшни крварења во внатрешните органи и потоа смрт – ни изјави професор од Земјоделскиот факултет.

На речиси сите експерти што ги консултиравме, првичната реакција кога го поставивме прашањето за метомилот беше: „Не знаете во каква тема навлегувате. Лаици сте за да знаете колку земјоделски производи се вратени во Македонија поради токсичноста!”

Па, така се доаѓа до прашањето, ако овој отров така лесно може да се купи, дали и колку земјоделците внимаваат да не стават повеќе од 0,02 милиграми од прашокот, а уште поалармантно е прашањето – што всушност јадеме?!

Во 2007 година, кога отровот „Ланате” беше забранет за продажба, тој беше најден во земјоделските аптеки во Струмица.

– Отровното средство било запленето и ќе биде соодветно уништено.

Мора веќе еднаш да и застанеме на патот на нелегалната продажба на производи, кои се шверцуваат од соседните земји. Треба да се заштитиме од пренесување на разни болести и уништување на земјоделските култури при употреба на штетни заштитни средства. Контролирани се 74 објекти, а за неправилностите поднесени се 52 барања за поведување на прекршочна постапка – изјави Ванчо Димитриев, поранешниот директор на Државниот земјоделски инспекторат во 2007 година.

ОТРОВИТЕ ГО ЗАТРУЈА И ЗАКОНОТ

Од 2007 година, па наваму, многу работи се сменија, но не и Законот за производи за заштита на растенијата. Членот 35 од овој закон предвидува:

„Многу отровни супстанции и производи се супстанции и производи кои во мали количини предизвикуваат смрт или акутно или хронично оштетување на здравјето на луѓето кога ќе се проголтаат, вдишат или апсорбираат преку кожата, односно прва група отрови, согласно Законот за хемикалии. Работа со многу отровни супстанции и производи вршат овластени правни лица кои исполнуваат определени кадровски,  организационо-технички и други услови.  Овластувањето го дава Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство”.

Според ова, како што тврдат познавачите, овој отров не смее да се продава во малопродажба, со оглед на тоа што со него смеат да работат само овластени правни лица, па според тоа, овластени лица смеат и да го купуваат. Но, конкретно, малопродажбата не е регулирана буквално во ниту еден закон и во ниту еден правилник, па додека Министерството за земјоделство не се свести да ја спречи продажбата на отрови на секој што ќе му текне да го расфрла по улиците, останува секојдневната глетка низ главниот град кој врие од отрови и крв од отруени животни, како доказ за неажурноста и неефекасноста на институциите кога станува збор за здравјето на граѓаните, па дури и на животните!

ДА СЕ ВОВЕДЕ РЕЦЕПТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ АПТЕКИ

Точно е дека отровните супстанци во Македонија се злоупотребуваат и за тоа треба да се погрижи инспекторатот. Размислуваме за измени во Законот за фитосанитарни средства кои би требало да стапат на сила некаде во септември годинава за да го решиме тој проблем. Најверојатно ќе се воведе некаков вид рецепт, како што во аптека не можете да купите каков лек сакате, така и во земјоделските аптеки да не може да се купува без дозвола од институција. Свесни сме дека постојат луѓе кои го купуваат на своја рака и го злоупотребуваат – вели Ментор Зеќири, директор на Фитосанитарната управа.

НАЈГОЛЕМА Е ОПАСНОСТА ЗА ДЕЦАТА

Најголема е опасноста кај децата да дојдат во допир со тие излачени течности од животните кои умираат и да се случи трагедија која никој не ја посакува. Апелирам до градските власти итно да преземат нешто за да се стави крај на ваквите самоиницијативи на некои душегрижници кои на ваков нечовечки начин се пресметуваат со кучињата скитници, затоа што станува збор за исклучително отровна хемикалија – изјави за медиумите Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија.

КОЛКУ ЖИВОТИ ОДНЕСЕ ОПАСНИОТ ОТРОВ?

Во јавноста одамна е познато дека дете кое питачеше по скопските улици, беше најдено мртво откако дојде во допир со храна помешана со отровот „Ланата” која несовесен граѓанин ја оставил покрај контејнер со цел да се реши од кучињата скитници.

Медиумите пишуваа и за Н.С. (44), познат кавадарчанец, кој живееше во хармонично семејство, а почина откако испи една чаша инсектицид “Ланате”. Тој во моменти на психичка депресија го искористил отсуството на сопругата и децата, па од непознати мотиви, растворил инсектицид во чаша вода и течноста ја испил.

Откако почувствувал тегоби, притрчал кон соседот и го замолил да повика брза помош, како се уште да бил свесен за кобната грешка што сам ја направил. Веднаш бил транспортиран во Медицинскиот центар во Кавадарци, меѓутоа било доцна. Сличен случај имаше и во 2008 година, кога со „Ланате” се самоуби и 85-годишниот Ѓ.П. од кочанското село Јастребник.

Јавноста сигурно се уште го памети случајот со психологот во Заводот за социјална работа „Даре Џамбаз”, Тихомир Ристевски кој беше осуден бидејќи подолго време ги труел колегите со инсектицидот „метомил”, ставајќи им мала доза во утринското кафе.

Сите овие случаи потекнуваат од 2007 до 2009 година кога метомилот беше забранет за продажба, а сепак на дофат на граѓаните!

ПОЛИЦИЈАТА НЕ ЈА ИНТЕРЕСИРААТ ОТРУЕНИТЕ ЖИВОТНИ

„Е ајде де, голема работа, отруени ви се животните…”. Ваква била реакцијата на полицијата кога граѓани пријавиле случај на затруени животни со отровот „Ланате” во Скопје.

– Бевме сведоци на расфрлан отров во близина на основно училиште, а полицијата ни се смееше што сме ја повикале за отруени животни. Подоцна дојдоа, го евидентираа случајот, но немаше никаков епилог. Не знаеме ниту кој го стори тоа, ниту, пак, имаше санкции. Со ваквите чекори, полицијата никако не нѐ стимулира да пријавуваме слични случаи во иднина, а со тоа не се спречуваат ни евентуалните човечки жртви што можат да се случат со расфрлањето на отровите – вели граѓанин од Скопје.

Досега, нема судски епилог од ниту еден случај на расфрлан отров по улиците низ земјава, иако расфрлањето отровни супстанци што го загрозуваат животот на луѓето и на животните е дело казниво според Кривичниот закон, а предвидена е и затворска казна до 5 години.

ТРУЕЊАТА СЕ ДОГОВАРААТ И НА ФОРУМИ НА ИНТЕРНЕТ

„Кучето на комшијата е баш до мојот прозор, постојано лае и вие, не може да се спие од него. Со газдата не можам да се разберам, жал ми е, ама кажувајте некој отров, зошто со пиштол ќе го убијам во 5 сабајле, пишува извесен „Туроп” на форумот „odgovori.mk”.

На ова прашање, на форумот се развива цела дебата за тоа кој отров е најсоодветен за труење, па така, следниот одговор гласи:

„ Ланате е многу јак отров, го има по земјоделски аптеки (мислам дека е околу 400 ден.) се користи во земјоделство против инсекти и штетници… Во упатството пишува дури и дека не смее да се вдиши… Му давам на кучето максимум 1 минута живот откако ќе касне од отровот…”

Неколкумина од форумот се обидуваат да го разубедат потенцијалниот трујач за штетноста што може да ја предизвика, но тој продолжува:

„Отров кажете ми, отров”, па неговите истомисленици го поддржуваат:

„Отров – „Ланате”. Оди во некоја земјоделска аптека таму мислам дека може слободно да го најдеш. А инаку, џабе би ти било јавувањето во полиција. Овој твојот комшија ги потплатил и си заминале. Така да купи си „Ланате” и слободно дај му”, пишува извесен Александар.

За среќа, на дел од форумот предвиден за животни, се нашла и девојка која најдобро ја опишала ситуацијата кај нас:

„За степенот на развој на едно општество најмногу говори односот кон послабите, незаштитените и животните. За срамота и осуда е ваков примитивизам. Залудни се законите ако нема кој да ги спроведе. И да не заборавиме дека некои од најозлогласените сериски убијци и социопати својата „кариера” ја почнале со насилство и малтретирање на животни.

ДАЛЕКУ СМЕ ОД ЕУ

Активистите за заштита на правата на животните ја прославија веста кога слушнаа дека смртоносниот отров „Ланате” ќе престане да се продава во Кипар на почетокот на следната година, беше објавено во весникот „Фамагуста” во 2008 година.

Европската унија тогаш реши дека отровот мора да се тргне од рафтовите до март 2009 година.

„Смртоносната супстанца која е лесно достапна во Кипар, е виновникот за смртта на илјадници домашни и диви животни во последните неколку години.

Отровот беше претставен пред американските фармери во седумдесетите и брзо беше прифатен низ целиот свет само поради фактот дека има 90 отсто веројатност да убие. Но, тој брзо стана ограничена хемикалија во повеќето делови на светот поради неговата висока токсичност. Повеќето луѓе и животни кои ќе лизнат или изедат храна која е затруена со „Ланате”, умираат од тешка смрт која може да трае од неколку минути па се до пет часа.

Минатиот месец човек од Тајланд си го уби синот давајќи му пијалок во кој ставил „Ланате”. Локалните медиуми напишаа дека жртвата имала смрт која е многу болно да се опише”, пишува во весникот „Фамагуста”.

Забраната за продажба на ланататот, кој содржи метомил траеше од 2007 до 2009 година, кога ЕУ повторно го врати на листата на дозволени производи под притисок на земјоделците и на фирмата производител „ДуПонт”, но со многу јасни регулативи за тоа кој смее да го купува и користи и ограничени количества кои постојано се предмет на инспекција, за разлика од кај нас. Малопродажбата е исто така јасно регулирана.

Во Македонија, дури и кога беше забранет, можеше лесно да се најде на црно, а и сега, и покрај регулативите дека со него може да работат само правни лица, достапен е за секое физичко лице!

Поврзани новости