Пишува
Јадранка КОСТОВА
Во еден од најгнасните дискриминаторски системи – апартхејдот, што го спроведувала власта во Јужна Африка во минатиот век, на црното мнозинство им била ускратена политичката и економската еднаквост со белото малцинство. И за оние кои милуваат да се фалат дека работат „согласно Уставот и законот“, да потсетам дека и апартхејдот бил поткрепен со закони. Дискриминацијата била согласно законите.
Е во нашава осумгодишна преродба засега само праксата има елементи на своевиден „апартхејд“. Едни етички правила важат за „белците“, односно владејачката групировка, а поинакви аршини се применуваат за „црнците“, или сите други што имаат критички гард кон аздисаната ни власт. И законите се спроведуваат зависно дали сте светлопортокалов и темнопортокалов. И до работа на државна сметка се доаѓа согласно посветлата партиска боја. И дали судот ќе ве осуди или „помилува“, зависи од истиот колорит.
Еве, дури и дефиницијата за потесно семејство за „црнците“ е многу поширока. Тука влегуваат покрај мајка, татко, браќа и сестри, братучеди, чичковци, вујни, тетини, балдаски, шури, кумови… ма, роднини до 20 колено во странична линија сосе нивните комшии, свекрви и свекори, школски другари, ама и сопартијци оти како род ти се. Токму затоа изгледа сите топтан му се сметаат на Зоран Заев како семејство. И така и му се бројат бизнисите. А и на сите други темнопортокалови, нормално.
Е за „белците“ важи дека секој си е сам со себе. „Уан мен шоу“! Затоа становите на синовите на Бонева, немаат врска со неа. Станот на мајката на Кирил Божиновски нема врска со генсекот на Владата. Затоа и во антикорупциската строго се држат до податокот дали клиентот им е темно или светло портокалов. Првите не смеат да утнат ни пола метар квадратен, вторите можат да „заборават“ со месеци да пријават дека потклекнале на кампањата „купи куќа, купи стан“. Можат да сторат и техничка грешка, од неколку милиони во проценката на својот имот. Затоа и мајката на Кирил нема таква тежина како свекрвата на Рада!
Втората карактеристика на нашиот „апартхејд“ е дека „белците“ се генетски способни да сторат бизнис, да бидат успешни, сѐ во злато да претворат. Затоа станбениот фонд им се брои во декари, море и во хектари. Македонија им е рај во преродбеничкава епоха. Освен за синовите на Бонева, кои, ете, заминале во туѓина за да обезбедат егзистенција. Овде им било тешка мисија тоа, веројатно поради опозицијата. Кај и да е, курирска вест може да осамне, спружена на насловна: „Стотици илјади ја напуштиле Македонија поради тоа што СДСМ води лоша опозициска политика“.
Третиот белег на оваа светлопортокалово владеење е што „белците“ знаат наизуст детали за сите „црнци“ ама имаат амнезија за своите. Груевски ги знае до денар сите тендери на Заев, има точна бројка колкумина изгубиле работа во Бранково време, колку соросови пари завршиле во непријателски медиуми, ама не знае дури ни каде му живее братучедот, не пак каков бизнис тера. Абер нема ни со колку народни пари ја купи љубовта на возљубените медиуми. Но, нели, мора да се има, особено за црни кампањи за „црнците’!
Ама за власта да остварува вакви проекти со дискриминаторски дух, потребни се новинари кои ќе „извршуваат“. Да, новинарите „извршуваат“, властите „остваруваат“. Се разбира, „остварува“ во евра и станови и по некој вонсериски способен новинар. Штом е од „белците“ тоа е нормална природна појава. Ако е од „црнците“, тогаш и основање здружение за заштита на животните на волонтерска основа е скандал.
Сепак, колку и да се документирани наводите на опозицијата за „напрасната“ станбена еуфорија и бизнис-походите на врхушката и милениците на дворот, јасно е дека заробените институции ќе ги преспијат овие дешаванки. Ефектот засега е во уметничкиот „дојам“ дека „Царот е гол“. Во тивкото откривање на формулата за слепата љубов меѓу власта и медиумските разгласи. Разбравме дека парите се врзивно ткиво за нивната симбиоза.
И во услови на партиски апартхејд на дело, кога парите ги движат пионите на власта, останува нејасно зошто опозицијата верува дека договорените измени во изборниот закон се некаква гаранција за фер избори! Проблемот овде не се законите туку нивното селективно спроведување за „црнци“ и „белци“.
Во секој случај, во тек е одлучувачката шаховска партија меѓу Груевски и Заев. Белите фигури кои секогаш се резервирани за власта, веројатно го мотивираше борбеното „сицилијанското отварање“ на опозицијата. Тоа е кога играчот со црните фигури, не игра само за еднаквост туку и за предност. Сето ова ја прави симултанката драматична – да се биде или не! Уште еден пораз, макар власта да игра највалкано и коруптивно, ќе биде убиствен за СДСМ.
Од друга страна, пак, иако оваа власт се темели на стравот што го предизвикува кај инакумислечките, сепак, граѓаните во својот страв не го гледаат стравот на оние од кои се плашат. Зашто, природно е стотина профитери, оние кои ја злоупотребуваат положбата во политиката, да се плашат од милионите со кои манипулираат. Поразот на ВМРО-ДПМНЕ, сега или нешто подоцна, ќе биде вистински политички земјотрес!