Преку роуд шоуата премиерот се прошета низ светот, ама странски инвеститори не донесе во Македонија!

by Фокус 10:51
10:51

Текстот е објавен на 14-ти септември 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 898

Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА

- Advertisements -

Преку САД во Италија, потоа накај Словенија. Од таму во Австрија, па Германија. Истиот месец во Сингапур и во Јапонија. Одеднаш, во Белгија. Потоа, назад на Истокот, во Турција. Па, Малезија, Индија, Катар, Кина. И оп, наеднаш во скандинавските земји.

Од минатиот септември, па до сега, според истражувањето на „Фокус”, премиерот Никола Груевски има посетено точно 23 држави. Славеше родендени, се сликаше, присуствуваше на средби со потенцијални и непотенцијални инвеститори, даваше интервјуа… Жил Верн со неговата „Патот околу светот за 80 дена” слободно може вода да му носи. Лектирата за шесто одделение ќе падне во заборав по роуд-шоуто на македонскиот премиер, кое изнесува околу 60 дена и со својот интензитет, најверојатно, ги урна сите рекорди.

На моменти, дури човек да помисли дека премиерот се телепортира со неговиот тим. Но, не, тие само работат 24/7. А резултати? Е, тие ќе се покажеле во иднина. Тоа што засега го имаме, според податоците на Народна банка на Македонија, во првите шест месеци од 2011 година, во Македонија влегле странски инвестиции од 146 милиони евра. Во првите 6 месеци од оваа година, пак, бројката паднала на 50 милиони евра, или речиси трипати помалку.

По шестгодишното владеење, повеќе од очигледно е дека Груевски очајнички моли за инвестиции, бидејќи нема како поинаку да се оправда пред народот за невработеноста и економската криза. Никако поинаку не може да се оправда фактот што среде политичка криза, тимот на премиерот си одржуваше 10-дневно роуд-шоу во САД!

ДА ЗНАЕШЕ ДЕКА ЌЕ ИМА НАСЛЕДНИК…

„Можно ли е да се обиколи светот за само 80 дена? И тоа, не сметајќи ги евентуалните пречки што можат да се појават на едно такво патување низ најразлични земји? Ексцентричниот џентлмен Филеас Фог докажува дека тоа навистина може да се изведе. Обложувајќи се со своите колеги од Реформ клубот во сите пари што ги има, и тоа повеќе за забава отколку за да заработи, господинот Фог тргнува на неизвесното патување заедно со својот нов слуга Паспарту, „парижанец од Париз”. Започнува една возбудлива и напната авантура полна со диви убавини и опасности на земјите и океаните по кои минуваат…”.

Ова е краткиот опис на книгата „Пат околу светот за 80 дена”. Но, во 1873 година, кога за првпат е објавена, Жил Верн не знаел дека еден ден името на господинот Фог може да биде заменето со името на македонскиот премиер Груевски. Жил Верн и не знаел дека налудничаво е да се прашува, дали може да се обиколи светот за 80 дена.

Нормално дека може! Имаме жив пример пред нас. Единствената разлика е што господинот Фог патуваше со својот слуга, а Груевски има повеќемина сопатници на својот роуд-шоу, чии имиња редовно се повторуваат: министерот за финансии Зоран Ставрески, Бил Павлески, министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции и Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко – индустриски зони. Понекогаш се провлекува и по некое друго име, но во принцип, на патот околу светот редовно се појавуваат гореспоменатите четворица патници.

Сѐ некако ми личи дека лектирата за шесто одделение за брзо време ќе биде заменета со нова. Нема потреба децата да читаат стари податоци, кога пред себе имаме нови, реформски и преродбенички!

ЦИРКУС

Да почнеме од последното патување во САД и во Канада, најдолгото роуд-шоу што го поминаа Груевски и неговиот тим. Во Детроит се сретна со извршните тимови на три глобални производители на автомобилски компонентни. Се сретна со македонските иселеници во Канада, се претстави пред 80 компании во Атланта, го ислуша говорот на Барак Обама во Шарлот. Како и по секое друго патување, се вратија задоволни. Имале инвестиции во најава.

Во август, Груевски патуваше и во Република Српска и во Белгија. Во јули беше во Скопје, но еден месец претходно за пет дена посети четири градови во Руската Федерација – Москва, Владимир, Нижњиј Новогород и Санкт Петербург, каде што ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија.

Неколку дена претходно, на почетокот на јуни, владиното роуд-шоу беше насочено кон Скандинавија. За пет дена се поминаа четири држави – Шведска, Финска, Данска, Норвешка. Кога ќе ги отворите вестите на овие теми, сѐ е на принципот „копи-пејст”. Во иднина ќе има нови инвестиции, Скандинавците биле просто воодушевени од можностите за инвестирање во Македонија. Изјавата на Груевски одекна како глас од небото низ македонскиот етер:

– Дел од нив веројатно веќе ги кројат плановите за инвестирање. Компаниите многу малку знаеле за предностите што ги нуди нашата земја – рече Груевски откако се врати од патот од Скандинавија.

Слично нешто се случи и во Италија, еден месец претходно. Тимот како фурија помина низ Торино и Милано и ги презентираше економските и инвестициските потенцијали на земјава пред заинтересираните италијански инвеститори.

Овојпат, друштво на Груевски му правеа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида. Истиот овој тим, му правеше друштво на Груевски и на претходното патување, на Истокот. На 12 мај, тие се упатија кон Кина. И повторно, за 5 дена, четири града – Пекинг, Ченгду, Шангај и Хонг Конг.

„Средбата ќе биде и испраќање сигнал до кинеските компании кои сакаат да отворат свои капацитети во Европа, дека Македонија е дестинација во која можат да се најдат добри услови за правење бизнис”, пишуваа македонските медиуми за портите што ги отвора македонската влада.

Во март 2012 година се случи Катар. Тогаш навистина помисливме дека слушаме прекрасна, романтична приказна на медиумите. Груевски и Ставрески ни презентираа дека е дојден крајот на економските проблеми, катарските пари ќе влезеле во Охрид, Преспа, Дојран, ќе се копа нафта, ќе се изградат патиштата, дури и вода ќе сме им продавале на Катарците!

И, сето ова се случи во исто време, март годинава, кога уште не бевме освестени од претходното патување на владиниот тим на чело со Груевски, на Индија. Во исто време бидна и Малезија, каде што се одржуваше инвестициски форум.

Неколку месеци претходно, во јануари, беа Сингапур, Јапонија, Турција. Во Турција за 6 дена беа посетени 6 града, а претходно во Австрија и во Германија за 5 дена беа поминати три града, Виена, Минхен и Дизелдорф. Претходно, кон крајот на 2011, карванот кој горе-долу ги брои истите членови, беше во Словенија и во Италија.

И, сето ова вака напишано, ми личи како да пишувам сторија за циркус, затоа што принципот на дејствување е ист – оди од држава во држава, го презентира тоа за што е научен – за некого тоа се акробатски вештини, а за некого зборување, и понекогаш се враќа во државата од која потекнува. Со тоа што влезниците за во циркус се далеку, далеку поевтини отколку роуд-шоуто на Груевски. А на резултатите сѐ уште чекаме!

СЛЕДНА ТУРНЕЈА – НА МЕСЕЧИНАТА!

Никој не може да го оспори фактот дека на земјава повеќе од потребно и е да привлече странски инвестиции. Никој не може да порекне дека, пред сѐ, Македонија изобилува со енормна стапка на невработеност и сиромаштија, што значи и добар потенцијал за инвестирање од причина што евтината работна сила е на секој милиметар од оваа држава. Добро е светот да нѐ знае и по нешто друго, освен „државата со најмногу споменици, од кои дел имаат грешки во правописот”. Ама неизбежно е и едно големо „но”.

Дали е навистина неопходно, премиер на една држава да се појавува насекаде и секогаш? Колкав резултат може да даде петдневна посета во една држава, каде се посетуваат 5 града? И тука ако го додадеме времето во кое Груевски задоцнил на состанокот – колку може да биде продуктивна една толку кратка средба на која премиерот бара инвестиции? И за крај, чуму постоењето на промоторите на Македонија во светот?

Чуму постоењето на Агенцијата за странски инвестиции? Или Груевски не им верува на своите (а богами има и зошто!) или, пак, навистина живееме во време кога никој не смее да мрдне со малиот прст без притоа Груевски да му дише во врат?

Или, да го цитираме професор Ванчо Узунов во изјавата за Радио Слободна Европа.

– По сѐ изгледа следната турнеја нема да им биде некаде на земјата, туку ќе отидат на некоја друга планета. Ќе престанат да патуваат по земјата, ќе одат по Марс, на Месечина, некаде на други планета да бараат инвестиции, бидејќи очигледно има некоја причина за тоа. Суштината е во тоа што не гледаат дека инвестициите се тука во соседството, ако не во соседството, во регионот, тогаш во ЕУ. Ова шетање на владата чини пари и нема никаква логика, освен замачкување очи – изјави Узунов.

Сличен став изрази и поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, кој смета дека власта прави грешка во презентацијата на нејзиното шоу.

– Прво се на многу високо ниво, премиер и вицепремиери ги водат, тоа може да остави впечаток на држава која очајно бара инвестиции, значи превисоко е нивото, тоа треба да се спушти на техничко ниво и наместо роуд-шоу од еден час, треба да се биде поупорен кај оние кај кои се претпоставува дека може да инвестираат во Македонија. Значи, да има голема селекција, инаку роуд-шоу на кое премиерот настапува пред 300 стопанственици во некој регион во Италија, па тие слушаат и си одат,  најчесто завршува така што тие се обидуваат нешто да и продадат на Македонија – вели Поповски.

Поранешниот премиер на Македонија Владо Бучковски, пак, го оправдува овој чекор на Груевски. Тој вели дека ова е последниот чекор што ѝ остана на владата по шестгодишното владеење.

– Во ова кризно време, ова му се изнудени потези на Груевски. Реално, Македонија мора очајнички да бара инвестиции. Груевски не е наивен, баш напротив, тој е многу свесен дека по шестгодишното владеење, единствената шанса да ја задржи власта е да поработи на економијата и да ја намали невработеноста. Тоа го докажа и со самиот факт што среде политичка криза, тој замина во САД на турнеја поврзана со економијата – смета Бучковски.

Но, според него, доколку Груевски навистина има сериозни намера, а не само да прошета и да замачка очи преку возбудените новинари кои воодушевено известуваат за инвестициите во најава, тогаш под итно треба да ги повлече сите економски промотори, кои се целосно непродуктивни!

ЧУМУ ЕКОНОМСКИ ПРОМОТОРИ?

Предлогот што неколкупати беше изнесен од страна на опозициската СДСМ е повлекување на економските промотори од странство, бидејќи непотребно се одвојуваат пари од буџетот за нивната работа.

– Власта пред да го кастри буџетот во здравството и во образованието, треба да ги намали трошоците за стоки и услуги за 10 отсто, да ги замрзне своите рекламни кампањи и да ги врати дома неефикасните економски промотори во странство – порача Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ.

Дваесет и шест економски промотори работат во Агенцијата за странски инвестиции во 21 земја од светот. Во некои од овие земји сега беше и роуд-шоуто на Груевски. Дали во тој период економските промотори одмораа или си ги водеа своите бизниси кои во меѓувреме ги почнаа таму, како на пример поранешниот промотор од Чикаго кој додека беше на функција си отвори фирма за бизнис? И тој не е единствен за кој постојат сомнежи дека буџетските пари со кои е платен, си ги користи за сопствени потреби и почнување свои бизниси. Но, и тоа е инвестиција, така?

Со цел да ја истестира работата на промоторите, весникот „Капитал” неодамна контактираше вкупно десет економски промотори кои работат во САД, Швајцарија, Русија, Германија и во други земји. Само четворица од нив во дадениот рок им одговориле на мејловите што ги испратила редакцијата, а сите ги упатиле барањата да ги достават прво до Агенцијата во Скопје.

– Ваквите состојби не одат во прилог на ефикасно работење на промоторите, а посебно на нивната поврзаност со компаниите, чии производи треба да ги промовираат во странство – констатираат од „Капитал”.

И, кога сето ова ќе го ставиме на куп, прашање е – зошто воопшто постојат промоторите и зошто највисокиот владин караван истовремено го поминува светот? Груевски задоволно дава интервјуа и се слика со странските бизнисмени, но засега, се чека „само“ на резултатите.

А не ни се предвидува некоја светла иднина, барем според она што го прогнозира Виенскиот институт. Според него, само 200 милиони евра странски инвестиции ќе дојдат во Македонија годинава. Во својот извештај за странските директни инвестиции во Централна, Источна и Југоисточна Европа, Виенскиот институт предвидува дека во Македонија и во Босна и Херцеговина ќе се слеат најмалку странски инвестиции споредено со другите земји во регионот на ЈИЕ. Ако роуд-шоуто на Груевски успее да ја смени оваа бројка, слободно нека влезе во училиштата како новиот Жил Верн, со нов рекорд!

ИСТАТА РАБОТА ЈА ПЛАЌАМЕ ДВОЈНО!?

Ако се види листата на обврски на промоторите во странските држави, кои во моментов ги има 26, тогаш реално се поставува прашањето, зошто ни се потребни економски промотори кои се плаќаат од буџетот, а воедно од буџетот се плаќаат и патувањата на Груевски и неговата делегација за да го прават буквално истото? За да биде појасно, ова се, или треба да бидат, ангажманите на македонските промотори во странство:

– презентација на поволностите за инвестирање во земјава,
– промоција на македонски производи во државата каде што престојуваат,
– постојан контакт со компании кои би можеле да инвестираат во Македонија,
– редовна комуникација со економски тела, институции и бизнис-асоцијации,
– информирање на македонските компании за потенцијални можности за извоз.

Па така, неизбежно е да се прашаме, зошто истата работа се работи и се наплаќа двојно?

ВЛАДАТА МУДРО МОЛЧИ

Очекувано, од Владата нема информации за тоа, колку пари се одлеале од буџетот за плаќање на економските промотори во странство. Неколкупати се обидовме да стапиме во контакт со портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, но тој одби да ни врати на смс-пораките и ни спушташе слушалка кога ќе го побаравме на мобилниот телефон.

Одговорот на прашањето за тоа, колку чинеше роуд-шоуто на Груевски сега ќе се обидеме да го добиеме преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Да се надеваме дека нема и овојпат да добиеме одговор дека станува збор за класифицирана информација, чие издавање би ја загрозило безбедноста на државата, како што беше случајот со цените на владините кампањи!

Поврзани новости