Во Македонија не можат да се најдат ни 3.000 заварувачи, дури ни за плата од 2.000 евра!

by Фокус

Текстот е објавен на 5 јуни 2009 во неделникот „Фокус“ во бројот 727

Пишувала
Љубица ГРОЗДАНОВСКА ДИМИШКОВСКА

Странска компанија пред извесно време на македонскиот пазар на труд побара 3.000 заварувачи за плата од 2.000 евра. Компанијата не успеа во намерата да регрутира толку работници бидејќи во земјава ги нема во толкав број. Пред неколку години Џонсон контролс бараше неколку стотини информатичари. Меѓутоа и тогаш се соочија со истиот проблем – недостиг на квалификуван кадар во толкав број. Македонска винарија пред две-три години бараше педесетина работници за годишен ангажман на нејзините плантажи за просечна македонска плата. И винаријата не можеше да собере доволен број таква потребна работна сила во тој период.

Од друга страна, пак, стотици Македонци одат на тримесечна работа на плантажи во Грција, работат во хотели и во ресторани, стотици Македонци ја ставаат главата на коцка на нафтени платформи, работат како бравари, заварувачи, електричари во небезбедни воени подрачја, како Ирак и Авганистан. Згора на тоа, според официјалните податоци на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во земјава до 30 април годинава, регистрирани се вкупно 349.879 невработени лица.

Кога побарувањата на пазарот за работна сила во последниве години се вакви, зошто дел од работоспособните граѓани, заведени како невработени не одат чекор понатаму, односно не поминат обука за доквалификација, преквалификација и полесно да најдат работа, кога гледаат дека државата не презема некои поволни стратегии за заштита на луѓето прогласени како стечајци, технолошки вишоци итн.? И зошто нема одзив на работна сила кога се нудат работни ангажмани со плата по европски стандарди или се нудат ангажмани во земјава исти или слични на тие на плантажите во Грција?

„ЛЕЖИ ЛЕБУ ДА ТЕ ЈАДАМ“ И „НИШАЈ ВРАТА, ЗЕМАЈ ПЛАТА“

Р.Б. (20) е студент на Филозофскиот факултет во Скопје. Преку програма за работа на студенти во странство, во минатата година тој четири месеци работеше како келнер во хотел во САД. Задоволен е од заработувачката, но вели дека тоа било само едно поучно искуство, како во однос на американската култура, така и во однос на стекнувањето на работните навики според западни услови. Би се вратил повторно, но само заради заработувачката, а во Македонија очекува да најде работа по струка.

– Се надевам дека ќе најдам работа по струка и подготвен сум да чекам и неколку години ако треба. А, после ќе размислувам што ќе правам ако излезе дека нема работа за кадар како мене. Можеби ќе се вклучам во семејниот бизнис на татко ми иако таа работа не ме привлекува, коментира Р.Б.

С.С. (59) од Тетово е технолошки вишок и зема месечен надомест од 50-ина евра од Агенцијата за вработување. Поради неплатени придонеси за време на неговиот стаж, неизвесно е што, како и дали ќе зема пензија. Освен стресот и здравствените проблеми предизвикани од него, С.С. е психо-физички здрав да работи и понатаму. Но, освен за адиминистративни работи, тој вели дека не е подготвен за друга работа.

– Не размислувам за преквалификација или за доквалификација бидејќи не ни можам на овие години. Можам да вршам должност, но во моментов, кога има толку невработени, каде поголемиот дел се млади, јас не сум конкурентен на пазарот. Нормално е да ангажираат млади луѓе. Едноставно, немам решение за мојава ситуација. Освен ако не се донесе некоја стратегија за решавање на статусот на стечајците, вели С.С.

М. Р. (35) од Скопје, пак, е дипломиран електро-инжинер, но со години работи како таксист.

– Го работам ова бидејќи моето семејство зависи од оваа плата. Со години барав работа по струка. Но, кога видов дека не можам да седам со скрстени раце, срам – несрам, почнав да возам такси, раскажува М. Р.

Оттука се поставуваат прашањата: Што конкретно се бара, а што се нуди на македонскиот пазар на труд? Какви се трендовите во последните две-три години? Зошто луѓето не преземаат порадикални чекори со цел да го решат своето прашање на опстанок и каква-таква финансиска сигурност? Што со невработените на возраст од 55 до 60 години? А, и тие што се пикот на нивната најголема работна продуктивност може да остарат чекајќи добра работа и солидна плата. Анализите, како и за сѐ друго, така и во оваа област, недостасуваат или ако ги имаат, податоците или бавно се процесуираат или не се води поактивна и поагресивна кампања со цел граѓаните да видат каква е „крвната слика“ на пазарот на трудот. За потоа да се воспостави дијагноза и да се даде чаре за сите проблеми со кои се соочува државата, а најмногу со невработеноста.

МАРАТОНЦИ ВО ДИСЦИПЛИНАТА – ЧЕКАЊЕ РАБОТА

Според статистичките податоци на Агенцијата за вработување во април годинава 29.038 граѓани за работа чекаат од шест до 11 месеци. Вкупно 27.730 граѓани за работа чекаат од 12 до 17 месеци, а од 18 до 23 месеци работа чекаат 24.356 лица. На списоците за работа две години чекаат 37.893 граѓани, од пет до седум години чекаат вкупно 49.539 лица, а 104.771 граѓанин чека осум и повеќе години.

Во истиот временски период во минатата година, од шест до 11 месеци за работа чекале 29.038 граѓани, од 12 до 17 месеци – 27.730 лица, а од 18 до 23 месеци – 24.356 лица. Од пет до седум години вработување чекале 48.847 граѓани, а вкупно 108.474 граѓани се надевале на работа.

Според податоци на Агенцијата од април годинава, 41.895 лица од 20 до 24 години се регистрирани како невработени. Како невработени, на возраст од 25 до 29 години се 46.815 лица, од 30 до 34 години – 43.122 граѓани, од 35 до 39 години – 40.586, а невработени од 40 до 44 години се вкупно 40.223 лица. Како невработени на возраст од 45 до 49 години во Агенцијата се пријавени вкупно 38.191 лице, од 50 до 54 години – 37.171, од 55 до 59 години има 33.138 невработени граѓани, а од 60 години и повеќе невработен е 20.961 граѓанин.

Во април лани, 43.730 лица биле регистрирани како невработени на возраст од 20 до 24 години, невработени на возраст од 25 до 29 години имало 49.165, на возраст од 30 до 34 – 45.143, на возраст од 35 до 39 – 42.114 лица, 41.579 невработени имало на возраст од 40 до 44 години, а 38.044 на возраст од 45 до 49 години. Невработени од 50 до 54 години имало вкупно 36.373, од 55 до 59 години – 31.614, а од 60 години и повеќе – 18.004 лица.

Според степенот на образование, пак, во април годинава, регистрирани се вкупно 172.440 граѓани со ниски квалификации, 12.440 од невработените се полуквалификувани, 56.177 невработени се квалификувани. Невработени со средно образование има 83.827 граѓани, со више образование – 5.657, невработени со високо образование има 19.114, невработени магистри има вкупно 216, а невработени доктори на науки 12 лица.

Агенцијата за вработување нуди и можности за обуки, доквалификација и преквалификација. Таа дури и дава парична помош за доквалификација и преквалификација.

– Покрај невработените лица, ова право може да го остваруваат и работници на кои работниот однос ќе им престане по основ на економски, технолошки, структурни или слични промени. За реализација на програмата за подготовка за вработување Агенцијата за вработување доделува парична помош во висина од 4.000,00 денари месечно по невработено лице односно работник и партиципација во трошоците за изведување на подготовката за вработување на работодавецот во висина од 2.000,00 денари месечно по невработено лице односно работник. Времетраењето на обука, преквалификација или доквалификација се утврдува врз основа на извршена анализа на конкретните работи и работни задачи во занимањето, за кое се обучуваат невработените лица односно работниците, при што обуката и преквалификацијата не може да траат повеќе од 3 месеци, а доквалификацијата подолго од 1 месец во исто занимање (образовен профил), односно не подолго од 2 месеци во иста струка, пишува на официјалната Интернет страница на Агенцијата.

Последните програми за подготовка за работа (обуки, доквалификација, преквалификација) се од 2007 година. Според тогашните податоци, најмногу граѓани побарале преквалификација за работа во текстилната индустрија, односно 2.759 лица. Вкупно 725 граѓани побарале подготовка за производство на кожа, 172 за производство на дрво, 141 за производство на гума и на пластични маси и 21 за производство на храна. За 2008 и за последните неколку месеци од 2009 година нема податоци.

МАКЕДОНЦИ ВО ЛЕГИЈАТА НА СТРАНЦИ

Сиромаштијата и неможноста (незаинтересираноста) да се најде работа во земјава се главните фактори зошто значителен број граѓани лебот го бараат во европските земји, но и во небезбедни подрачја, подрачја каде не вирее зеленило, а камоли да има услови за населеност на луѓе. Според Иван Шварц Стевковски од Скопје, посредник за сезонски работни ангажмани во странство кој тоа го работи веќе 20 години, а во последната година е активен преку Интернет страницата работа-бизнис-профит, најновиот тренд меѓу Македонците е Легијата на странците.

– Тоа е сега хит меѓу припадниците на специјалните сили кои што се расформираа бидејќи во Легијата на странците не може да оди некој кој не е психофизички подготвен на таков напор. Платите во Легијата на странците не се големи, но по 15 години служење, нејзините припадници добиваат француско државјанство и солидна пензија. Нашите одат заради тоа, коментира Стевковски.

Тој вели дека работата на нафтени платформи, на бродовите за крстарење, но и за ловење краби, како и на плантажите се најбараните работи во последните неколку години, а најзаинтересирани се лицата на возраст од 18 до 30 години. Норвешка, Германија, Швајцарија и Грција и во последно време и Арапските емирати, според неговото искуство се најбараните дестинации за работа.

– Се работи по 12 часа, некогаш тоа е и тешка физичка работа, која не нуди напредок во кариерата, но нуди солидна заработувачка. Тоа што Македонците одбираат да работат вакви работи во странство иако можеби нешто слично им се нуди и тука е поради сигурноста на договорот со работодавецот, исплатата на заработените пари, што кај нас не е случај, смета Стевковски.

На прашањето какви кадри бараат странските земји од земји како Македонија, тој вели:

– ИТ експерти, лекари, електро и машински инжењери, како и стручњаци од областа на менаџментот. Правници и економисти не сакаат.

ЛУЃЕТО ТРЕБА ДА НАУЧАТ ДА ЛОВАТ РИБА, А НЕ САМО ДА ЈА ЈАДАТ

Едно од прашањата на кое не добивме одговор е каков е пазарот на труд во земјава. Што се нуди и што се бара и каков е трендот споредено со тој во странство, еве на пример во европските земји (посебно ако со визната либерализација планираме да излегуваме надвор од овие граници мора и нешто да понудиме). Исто така, може само да претпоставуваме (ако се навратиме на статистиката на Агенцијата за вработување) зошто 19.114 граѓани со високо образование, 216 магистри и 12 доктори на науки не може да најдат работа. Останува и енигма што ќе се прави со илјадниците невработени на возраст од 55 до 64 години (условот за пензионирање кај мажите е 64 години старост, а кај жените – 62 години)? Да не зборуваме за стотиците илјади неквалификувани, полуквалификувани, со основно и со средно образование. Не може сите да се преквалификуваат, не може сите да работат на нафтени платформи, не може луѓето да се остават на лекови за смирување и на надежта дека ќе имаат подобро утре.

Мора да се направи подетална анализа за пазарот на трудот и поактивно да се разговара на оваа тема. Засега луѓето живеат само на шпекулации, кој за стаж, кој за работа, кој за под завод до пензија, кој за исплата на неплатените придонеси.

Универзитетите, кои повеќе продуцираат кадри од што на пазарот може да се вработат, мора конечно да се поврзат со пазарот на трудот за да видат за какви кадри има потенцијал, како кај нас, така и во странство. Случајот со побарувачката на Џонсон Контролс за неколку стотини информатичари говори сам за себе, нема потреба од дополнителен коментар. И не само тоа, завршени високообразувани кадри се вработени со средно образование зашто не одговараат на профилот на работа?!

На човекот не му давај риба, туку научи го сам да лови. Оваа поговорка, пак, има за цел да укаже на фактот дека невработените не треба и не смеат да чекаат државата да им го реши статусот. Впрочем, државата е таа што ги оставила на улица. Луѓето мора сами да се обидат да си ја подобрат ситуацијата. Ако во моментот не се конкурентни на пазарот на труд, нека најдат модел како да бидат. Факт е дека целата економска и политичка моќ е сконцентрирана во Скопје, како главен град. И за сметка на тоа изумираат другите градови и региони. Но, недостатокот за едните може да биде предност за другите.

Плановите и мерките што надлежните институции се добар, но недоволен чекор за намалување на сиромаштијата и на невработеноста. Посебно е погрешно граѓани со различна старосна структура, различен основ по кој ја изгубиле работата, а особено по различна образовна структура да се стават во ист кош. Мора систематски и одделно да се дејствува и за секоја група одделно да се направат посебни пакети за помош, за поддршка. Дополнително е тоа што многу од луѓето за кои се наменети овие мерки не ни знаат дека постојат.

Секоја помош е добредојдена, но како државата очекува некоја фирма да вработи човек на 60 години, да прима пари од државата само за шест месеци, а потоа има обврска да го задржи на работа уште една година? Кој ќе се нафати на таков чекор? Да беше обратно – пеки! Или партнерски, по пола – тогаш да. Еве се очекуваат и нови случаи на работни спорови (кои рака на срце, можеби ќе се завршат за шест месеци, а можеби не) поради нови отпуштања, побарување на плати и придонеси. Што прават институциите тогаш? Со проекции дека можеби може да им се помогне на само 600 од околу 350 илјади невработени, е илузорно.

Работите може да се средат. Само дали има волја за тоа?

Работни спорови
НОВИ СЛУЧАИ ПОРАДИ ЕКОНОМСКАТА КРИЗА

Со оглед на големата невработеност во земјава, големиот број стечајци и граѓани прогласени за технолошки вишок Основниот суд Скопје 2 се занимава со работните спорови. Таму е формирано посебно одделение за работни спорови на кои работат осум судии. Претседателот на судот, Бекир Шаини вели дека се намалува бројот на работни спорови, но во последно време судиите се подготвуваат за нови случаи и Шаини смета дека во наредниот период тој број значително ќе расте. Рецесијата според Шаини е главната причина за таквите очекувања. Во април годинава судот примил 107 нови случаи. Вкупно 1.602 спора се во постапка, а нерешени останале 1.384 случаи. Само 218 спора биле решени. Во истиот месец лани, имало 194 нови случаи. Се работело на вкупно 2.097 спора. Се решиле 169, а нерешени останале 1.928 случаи.

– Престанок на работен однос, прераспределба на работно место и парични побарувања се најчестите причини за покренување на рботни спорови во земјава. Официјално немаме работни спорови да речеме на пример за сексуална злоупотреба на работно место, заради каква било дискриминација. Вакви случаи постојат, но тоа е сива бројка за судот. Постапките за работни спорови се итни и тие мора да се завршат најдоцна до шест месеци. Нерешените случаи од претходниот месец се префрлаат во тековниот итн., но тие секако мора да се завршат во законски дадениот рок, посочува Шаини.

Планови
ВРАБОТУВАЊА ЗА ПОМЛАДИТЕ, ДОТАЦИИ ЗА ПОСТАРИТЕ

Создавање 600 самовработувања или основање семејни бизниси, субвенционирања за самохрани родители, на лица на возраст помеѓу 55 и 64 години, субвенционирање на инвалидизираните лица итн. се само дел од мерките предвидени во оперативниот план за активните програми и мерки за вработување за 2009 година, донесен во февруари годинава од страна на Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Една од планираните активности е да се остварат самовработувања на невработени лица до 27 годишна возраст, самовработување на невработени жени кои во Агенцијата за вработување работа чекаат повеќе од една година, како и лица што работа чекаат со години. За оваа активност ресорот испланирал буџет од 127,5 милиони денари. Лицата што ќе влезат во оваа програма, три години нема да може да се евидентираат во Агенцијата за вработување, пишува во оперативниот план.

Да одиме во другата крајност. Помош за невработените лица на возраст од 55 до 64 години. Со цел постарите лица да се реинтегрираат на пазарот на трудот, планот предвидува да им помага на фирми што ќе вработат вакви лица. Ресорот ќе им помага на фирмите така што шест месеци ќе им префрла плати и придонеси за лицата, но под услов фирмите да ги задржат лицата уште една година на буџет на фирмата. Според овој план, оваа понуда важи за 200 лица во земјава. За ова се потребни 27 милиони денари.

Поврзани новости