Во Македонија наскоро ни камбаните нема да бијат!

by Фокус

Пишува
Кирил ЕФРЕМОВСКИ

При неодамнешна посета на десетина градови во источна Македонија сфатив дека заедничко нешто за сите беше тоа што во секој од нив имаше сѐ помалку млади граѓани. А, навечер не можеш да сретнеш ни човек. Празни кафеани, уште попразни улици, морбидно дури и да шеташ.

По неколку дена од таа моја посета, го гледам премиерот Никола Груевски како ни соопштува дека ги бара нашите идеи за новата програма на ВМРО-ДПМНЕ, за изборите во април. Искрено, не ме зачуди тој пристап на политичките стратези за маркетинг и пропаганда на Никола Груевски, но ме фрли во длабока мисла кои тоа, пред сѐ, млади луѓе ќе му се обратат на премиерот и ќе му понудат нови идеи и предлози.

Повеќето млади од Кочани не сакаат да обработуваат ориз, па многумина од нив уште одамна се во Италија и произведуваат пици и рижото. Дали Груевски ќе собира нови идеи и од новите илјада стечајни работници од рудниците „Злетово“ и „Тораница“ и какви идеи и тие ќе му дадат?

Во својот говор по повод 23 октомври во 2012 година, Груевски, меѓу другото, ни порача дека „нас ни снемува деца“. Три години подоцна, јас велам дека овде снемува народ како никогаш претходно, а не само деца!

Десет години ВМРО-ДПМНЕ е власт, а исто толку време Груевски е премиер, и само еднаш се обидоа да направат попис. И, се разбира, исполитизираа и испартизираа чисто статистичка операција, потрошија пари и на крајот се откажаа. Нам Брисел и Стразбур ни кажуваат дека шестотини илјади граѓани трајно се иселиле, а барем уште нови стотина илјади се во процедура за истото!

Се прашувам, на која Македонија навистина ѝ требаат идеи, кога Никола не остави педа, без асфалт, село без чешма? Кого повикува нашиот премиер да пополнува формулари? Тие што веќе одамна се надвор, или тие што примаат плата, а не знаат каде им е работната маса и институцијата што ги плаќа? Дали ризницата на Протогер и на Груевски навистина секна, та сега ние граѓаните треба да контрибуираме?

Потресна и сѐ пострашна е сликата и реалноста во онаа Македонија, која ДПМНЕ и Груевски ја повикуваат да ги даде своите идеи за тој и неговите веќе напролет да ги направат реалност. А, реалноста во која јас сѐ уште живеам овде е поинаква. Во неа, моите пријатели и колеги се чувствуваат нерамноправно, сиромашно и горко. Секој втор од нив работи за плата под триста евра, а муабетите почнуваат со тоа како да се замине надвор…

Но, кога веќе Груевски прашува и за моите идеи, не можам, а да не бидам лојален граѓанин, па, еве, тие се следните: Во државата каде што мојата идеја е иднината на мојата земја, конечно криминалците на буџетот и народните пари треба да почнат да лежат в затвор. Мојата идеја е дека мора да се пронајдат и да се уапсат сите тие што „произвеле“ над триесет илјади лажни лични карти.

Мојата идеја е дека мора кривично да одговараат сите тие што со месеци го кршат Законот за животна средина и дозволуваат граѓаните на Скопје и на Тетово да умираат од рак и од други респираторни болести. Мојата идеја е сите тие што шират говор на омраза, линчуваат луѓе и повикуваат на гета, чисти раси и држави, да одговараат пред закон, кој иако го има, никој не го спроведува.

Конечно, мојата идеја е тие што со години крадат дел и од моите пари да се принудат да ги вратат, а потоа да завршат в затвор. Идејата е дека Македонија сега и овде, а не подоцна, мора да почне да станува земја во која криминалците  се третираат како криминалци, без разлика од која политичка партија и да доаѓаат и што државна функција вршат.

Не знам дали Груевски или некои сосема нови ќе ја прават таа Македонија. Не знам ниту кога и дали таква Македонија и јас ќе видам, но знам дека ако никој не почне да прави една таква Македонија како од моите идеи, овде наскоро ни камбаните нема да бијат!

Поврзани новости