Над 125 килограми синтетичка дрога, или над половина милион таблети, вредни над 2,5 милиони евра, е „ловот“ на МВР, откриен во лабараторија во семејна куќа во Тетово.
Акцијата, која МВР ја изврши во соработка со колеги од Србија и ДЕА на САД, била спроведена синоќа, откако претходно одреден период имале сознанија дека во куќа во Тетово се произведува дрога.
-Според првичните информации оваа заплена на синтетички дроги е најголема на Балканот, а можеби и во меѓународни рамки, рече на денешната прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој додаде дека во акцијата се уапсени шест лица, македонски и српски државјани.
Министерот Спасовски додаде дека дрогата била наменета за Турција. На прашање на „Фокус“, дали во нелегалното производство биле вклучени и вработени на граничните премини, со оглед дека дрогата излегувала од државата, министерот изјави дека тие имаат многу сознанија но во моментот не можат да ги споделат со јавноста.
Тој не откри ниту колкав период постоела лаборатијата во Тетово, која според видеото кое беше презентирано, е целосно опремена со голем број на машини.