Српскиот кошаркарски репрезентативец и центар на Црвена звезда, Огњен Кузмиќ претрпе сообраќајна несреќа утринава, соопштија „црвено-белите“.
„Црвена звезда со жалење ја информира српската кошаркарска јавност дека во неделата во утринските часови на автопатотот Бања Лука-Приједор центарот на нашиот клуб и на репрезентацијата на Србија, Огњен Кузмиќ доживеа сериозна сообраќајна несреќа. Во оваа прилика, Огњен се здобил со сериозни повреди на главата и градите и поради деликатноста на повредите, во тек е негов итен трансфер во Белград“, се вели во соопштението на клубот.
Од Звезда велат дека ќе ја информираат јавноста поконкретно кога ќе соберат целосни информации, водејќи сметка за приватноста на Кузмиќ и деликатноста на ситуацијата.
Огњен Кузмиќ ова лето се врати во Црвена звезда од Реал Мадрид.
Новинарот на босанска „Газета“, Зоран Шаренац на својот Твитер профил ги сподели првите информации за состојбата на кошаркарот.
– Кузмиќ во директен судир ја скршил горната и долната вилица и во моментов е во кома. Според лекарите, нема хематом на мозокот, но повредите се многу сериозни и бараат транспорт на играчот во Ургентниот центар во Белград, пишува тој.
Истиот новинар потоа објави дека хеликоптер полетал кон Белград и дека здравствената состојба на Кузмиќ е стабилна.