Се евакуира еден од најголемите градови на крајниот север на Канада по предупредувањата дека пожарите би можеле да стигнат до него до викендот. Околу 20.000 жители на Јелоунајф, кој е главен град на федералната територија Северозападни Територии, добија рок за заминување до утре на пладне по локално време. Пожарот синоќа бил на само 17 километри од градот.
Во исто време, друг пожар ѝ се заканува на заедницата Хеј Ривер.
Северозападни Територии прогласи вонредна состојба во вторникот, додека се бори со повеќе од 200 пожари.
„Пожарите дополнително се влошија и сега претставуваат вистинска закана за Јелоунајф. Сакам да нагласам дека градот засега не е во непосредна опасност, но ако не заврне дожд, пожарот би можел да стигне до неговата периферија до викендот. Се доведувате себеси и другите во ризик ако одлучите да останете“, изјави Шејн Томпсон, регионалниот министер за животна средина.
Наредба за евакуација е издадена и за Хеј Ривер, но околу 500 од 3.500 жители и натаму одбиваат да заминат. Пожарот се придвижил за 30 километри за само неколку часа поради силните ветрови оваа недела, блокирајќи ги двата автопатишта кои водат кон градот.
Канадската војска помага во евакуацијата, за која се вели дека е најголема во историјата на Северозападните Територии.
Канада се бори со најлошата сезона на пожари досега, при што вчера низ земјата имало речиси 1.100 активни жаришта.