Изминативе денови, речиси незабележливо поминаа неколку извештаи на Државниот завод за статистика (ДЗС). Гладните усти власта сè уште ги храни со игри и со политички сензации, каде што главни улоги се политички трансвестити.
За жал, трагичните податоци од ДЗС не беа доволен предизвик за медиумите и за интелектуалната јавност во Македонија.
Податоци кои во нормална држава го палат црвеното светло, алармот го ставаат на најјако, медиумите би организирале посебни емисии, премиерот би посветил најголем дел од инаугуративниот говор при елаборирањето на приоритетите за новата влада.
Имено, за што станува збор? ДЗС во својата публикација, Македонија во бројки 2014, тврди дека во однос на 2003 година, во 2013 има помалку родени деца (од 23.596 во 2003 до 23.138 во 2013) и, за жал, повеќе умрени (17.813 во 2003, 19.208 во 2013). Во услови каде што животниот век се продолжува, кај нас очигледно сè е наопаку. Во услови кога нема попис од политички причини, овие бројки треба да се темел на креирањето политики за иднината. Политики кои треба да бидат предмет на широки дебати без партиски менталитет во пристапот.
Затоа, навистина каква ќе биде Македонија, оваа нашата што ја сакаме, по неколку години, ако колективно молчиме за овие податоци? До кога политичките аматери и случајни пратеници ќе бидат тема пред податоците што предвидуваат, не светла, туку едвај бледа иднина на Македонија?
Образованието се сведува на избор на фонтот и бојата на таблите пред училиштата
ДЗС, и официјално, со бројки го потврди поразот на неколку политики на владата на Груевски, политики кои чинат многу пари од граѓаните на Македонија. И тука нема место за политичка сатисфакција, без оглед на навредите што доаѓаа кога укажував(ме) на штетните политики, поточно квази-политики. Милиони евра собрани од даноците на граѓаните, наместо да се вратат во квалитетни услуги, поквалитетен живот, владата ги потроши во ПР кампањи, кои единствено имаа за цел да ги платат прескапите неинвентивни изборни програми на ВМРО-ДПМНЕ.
Скапо платени квази политики во образованието, здравството и во социјалната сфера, политики наместо во училниците и здравствените установи единствено се применуваа по билборди и по спотови.
Само во 2008 година имаше 11 кампањи во вредност од 6,5 милиони евра од овие области. А до сега? Околу 24 кампањи, секоја со најмала вредност од 500.000 евра. Се изнагледавме разно-разни спотови за: семејни вредности, трето дете, радосни старци кои умираат зошто оставиле наследници, за доктори кои оперираат со видеоигри и што уште не.
Малку им беше тоа, па почнаа и субвенции за песни за многудетно семејство да даваат, па го измислија Тајзи, кој ќе ја спаси Македонија, мислиш Вил Смит е од „Денот на независноста“. Ако останеш на спотовите, кај нас само се раѓаат деца, а никој не умира. Да не зборувам за кампањите против правата на жените, за законските измени каде што, наместо да работат, се форсираат да раѓаат деца. А резултатот? Резултатот не само што е поразителен, туку е застрашувачки.
Дали ќе дојде до промени во периодот што следи? Со овој молк на јавноста и со понудениот кадровски состав на старо-новата влада, промените не се можни. Денес образованието се сведува на избор на фонтот и бојата на таблите пред училиштата. Системот креиран од просечни ученици, кои единствено станале министри поради партиската книшка, генерираат наставници под перманентен притисок, ученици под стрес, родители во паника.
Високото образование со секоја година паѓа во квалитет бидејќи деканите и ректорите се натпреваруваат кој поголем пешкир и поквалитетно масло ќе донесе на панихидите на првиот студентски час, кои наместо Ректоратот, почна да ги организира МПЦ.
Статистиката покажува дека помалку млади дипломираат, а годините на студирање се зголемуваат. Според податоците на ДЗС во 2013 година, бројот на дипломирани студенти на додипломски студии на високите стручни училишта и на факултетите, во споредба со 2012 година, е намален за 8,8 отсто. Од вкупниот број студенти, 40 проценти дипломирале во предвидениот рок, додека 60 отсто дипломирале по рокот.
ДЗС како да немаше милост кон политиките на Груевски, па објави анализа и за основното образование, образование кое е задолжително според Уставот на Република Македонија. И овие бројки се поразителни. Статистичките податоци покажуваат дека бројот на основни училишта се намалил од 1.015 во 2003 година на 988 во 2013 година, што значи дека во изминативе десет години се затворени 27 основни училишта низ Македонија.
Во истиот период, бројот на паралелки пораснал од 10.200 на 10.877, додека бројот на ученици во основните училишта се намалил од 231.868 во 2003 година на 191.051 во 2013 година, односно за десет години во основното образование бројот на ученици се намалил за 40.817.
Статистиката покажува дека помалку млади дипломираат, а годините на студирање се зголемуваат
Да биде иронијата поголема, спротивно на овој тренд на намалување на училиштата и на учениците, бројот на наставници во основните училишта се зголемил од 13.733 во 2003 година на 17.219 во минатата година, што е зголемување за 3.486 лица. Ако на ова ги додадеме и огромните долгови на општините за превозот на ученици, имаме дупло голо. Важно уште една фонтана на плоштадот во Скопје ќе имаме, точно колку што вреди едно ново основно училиште.
Затоа замолувам, апелирам, итно преиспитување на квази-политиките во образованието и пренасочување на парите од ПР-кампањи во вложување за суштински образовни цели. Замена на мегаломанскиот и неисплатлив концепт „Компјутер за секое дете“ со формирање компјутерски училници по соодветни предмети. Враќање на интерактивната настава и промовирање на креативноста, а не учењето наизуст. Прекинување на лудата идеја за купување 300.000 таблет-компјутери и вложување на тие средства во заедничко дополнително образование на наставниот кадар и на учениците. Овозможување еднакви услови за отворање бизнис и за домашните инвеститори, кои за возврат би вложиле во образовниот процес.
Македонија во минатата година има 500.000 долари од умови што работат аутсорсинг, а државата не добива денар, услови кои важат во Бунарџик. Овие умови ќе заработуваат повеќе поради подобри услови дадени од државата, а државата, не само што ќе добие некој денар плус, туку и ќе задржи млади луѓе. И тоа во ситуација кога 75 отсто од младите сакаат да ја напуштат државата.
Затоа останува дилемата зошто молчи јавноста? Владата знам, таа се интересира за форма, кеш во џеб и како да преживее на избори. А сите ние другите? Сите што се удираат во гради колку добро мислат за своите деца? Каква иднина им оставаме? Во каква Македонија сакаме да живеат нашите деца?