Високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит донесе ненајавени измени на изборниот закон поврзани со структурата и функционирањето на Домот на народите на Парламентот на Федерацијата БиХ. Со нив се зголемува бројот на делегати во Домот на народите на Парламентот на ентитетот Федерација на БиХ (ФБиХ), со цел да се подобри функционалноста на овој ентитет и за обезбедување навремено спроведување на резултатите од изборите одржани денеска, пишува Радио Слободна Европа.
Одлуката за Домот на народите на ФБиХ подразбира секој од конститутивните народи на БиХ, Србите, Хрватите и Бошњаците, да има по 23 делегати, наместо досегашните 17.
„Со оваа распределба се коригира претераната застапеност на секој од трите конститутивни народи во кантоните каде што живеат мал број припадници на секоја од трите нации“, се вели во одлуката на Канцеларијата на високиот претставник.
Секој конститутивен народ во секој кантон би ја задржал можноста да има барем еден претставник во Домот на народите. Оваа мерка го зголемува и бројот на места во Клубот на останатите, од 7 на 11. Ова е првпат и Другите од сите кантони да бидат претставени во Домот на народите на Федерацијата на Босна и Херцеговина.
Притоа, од досегашните 58 делегати во Домот на народите на Федерацијата БиХ, бројот се зголемува на вкупно 80.
„Изборниот закон ќе биде изменет во врска со ова прашање и прашањето за примената на последниот попис на населението (2013 година) со цел да се усогласи со Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина“, стои во одлуката на високиот претставник.
Шмит, исто така, обезбедува навремен избор на делегати во Домот на народите во кантоналните собранија давајќи ѝ овластување на Централната изборна комисија (ЦИК) да ги прераспредели мандатите од оние кантони во кои кантонските собранија не ги исполнуваат своите обврски во дадениот рок.
Пакетот мерки содржи измени на Изборниот закон и Уставот на Федерацијата БиХ и исклучиво се однесува на постизборното конституирање на индиректно избраните органи. Шмит во својата изјава истакна дека неговата одлука никако не влијае на спроведувањето на резултатите од гласањето на изборите од 2 октомври, но и дека изборната реформа мора да продолжи.
„Ова не е и не може да биде широка реформа на изборниот закон што допрва треба да се спроведе“, рече Шмит, додавајќи дека останува подготвен лично да учествува во неа во наредниот период.
Пакетот мерки за функционалност е осма одлука на високиот претставник на Босна и Херцеговина откако го презеде мандатот во август 2021 година.
На општите избори во БиХ кои се одржаа денеска право на глас имаат над 3,3 милиони гласачи, кои избираа 518 членови на органите за државно, ентитетско и кантонално ниво на власт.
Според ЦИК, на гласање излегле 50 отсто од гласачите, но како што изјави претседателот на комисијата, Суад Арнаутовиќ недостасуваат бројки од дел од избирачките места. Притоа ЦИК примила 71 приговор за прекршување на избирачкото место во Босна и Херцеговина и 30 приговори за прекршување на изборниот молк. Евидентирани се 52 инциденти и 14 нарушувања на јавниот ред и мир.