Владо Димовски, простевен работник и член на Наставничкиот пленум во интервју за Радио Слободна Европа зборува за проблемите во образованието, за кои како што вели, се темелат повеќе од десет години.
-Проблемите во образованието не се нови и тлеат повеќе од десетина години, но минатата година нас повозрасните наставници и професори нè разбудија прво студентите, а подоцна и средношколците па наставниците. Нè разбудија за да го искажеме своето незадоволство од лошите реформи во образованието. Не очекувам дека оваа година со почетокот на годината ќе има некакви измени, вели Димовски.
Тој мисли дека конечно ќе проработи совеста и разумот кај одговорните во министерството и во Владата на Македонија, дека образованието мора да претрпи коренити промени.
-Најдобро е одредени измени на што било да ги барате во предизборна година, тогаш сè ќе добиете. Образованието е столбот на ова општество, не е столбот чешмата во Чешиново што ќе ја пуштите со сечење лента. Образованието е столбот. Ако тој столб не го зацврстите на здрави основи, тогаш немате ни здраво општество, вели Димовски.