Во Италија во кутии со банани пронајден кокаин вреден 800 милиони евра

by Fokus

Полицијата во јужна Италија денеска соопшти дека запленила 2.700 килограми кокаин, скриен во два ладилни контејнери со банани кои биле испратени од Еквадор.

Кокаинот пронајден во калабриското пристаниште Gioia Tauro би вредел повеќе од 800 милиони евра, се наведува во соопштението на италијанската полиција.

Пратката пристигнала од Гвајакил, Еквадор, а нејзината крајна дестинација била Ерменија, преку црноморското пристаниште Батуми, Грузија.

Дрогата била откриена во контејнери од 12 метри благодарение на специјални скенери, со помош на кучето трагач Џоел, додава полицијата.

Полицијата соопшти дека во изминатите неколку дена пронашла дополнителни 600 килограми кокаин во контејнери со овошје од Еквадор кои биле испорачани преку Gioia Tauro. Тие пратки биле наменети за други делови на Италија, како и за Хрватска, Грција и Грузија.

Калабрија е дом на Ндрангета, која ја замени сицилијанската Коза Ностра како најмоќната италијанска мафијашка организација и игра централна улога во трговијата со дрога.

Поврзани новости