Пензионерот кој го уби својот млад сосед, па се самоуби, вчера имал тежок ден, раскажуваат жители на Демир Капија

by Fokus

Пензионерот М.К.(72) од Демир Капија, кој во раните утрински часови го убил својот сосед Б.М.(34), а потоа се самоубил, вчера имал многу тежок ден и минувал низ мачен период, за „Фокус” раскажуваат демиркапијци, по настанот кој ја вознемири јавноста.

Како што тврдат нашите соговорници, неговата сопруга се борела со тешка болест и во тек на вчерашниот ден поради сериозноста на состојбата била хоспитализирана. Парот живеел сам во зградата каде се случи убиството и самоубиството, а исто така и убиениот Б.М. живеел сам во истата зграда.

Дали личните случувања биле причина пензионерот да изгуби контрола, останува енигма, но неофицијално, тој оставил проштално писмо.

-Б.М. живееше сам, откако неговите родители починаа, а сестрите му се отселија. Се снаоѓаше за живот, работеше заедно со негов другар. Демир Капија е занемена од настанот – велат жители на малата општина, во која во минатото не се памети ваква трагедија.

Според МВР, денес во 6.50 часот, во Полициската канцеларија Демир Капија било пријавено дека во сопствените домови со прострелни рани биле пронајдени Б.М.(34) и М.К.(72), двајцата од Демир Капија. Смрт кај двајцата констатирал лекар од Итната медицинска помош, а во координација со јавен обвинител на местото се врши увид.

Како што неофицијално дознаваме, за нетрпението помеѓу соседите, имало и пријави во полиција. Наводно, пензионерот во неколку наврати го пријавувал својот сосед Б.М. во полиција.

„Фокус” побара одговор од МВР дали и какви пријави имало во минатото, но и дали пензионерот имал дозвола за огненото оружје со кое го извршил убиството и самоубиството.

До објавата на веста, не е добиен одговор од надлежното министерство.

Вики Клинчарова

Поврзани новости