Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски е оптимист пред гостувањето во Палермо кај Италија во полуфиналето од плејофот за Светското првенство 2022.
– Ќе покажеме дека не сме случајно помеѓу најдобрите 20 фудбалски селекции на континентот. Ме радува фактот што сите репрезентативци се стандардни во своите тимови. Јас воопшто не се оптоварувам со тоа во каков состав ќе настапи нашиот противник, бидејќи за секоја позиција имаат по 4-5 врвни фудбалери. Мое е само да извлечам максимум од нашите репрезентативци. Едноставно треба да одиме во Палермо, да одиграме како што знаеме и да уживаме во играта. Секако тоа ќе зависи и од ривалот и од тоа колку ќе ни дозволат. Како и да е, во Италија не одиме како туристи, туку одиме на победа. рече Милевски на денешната прес-конференција.
Селекторот најави офанзивна игра без разлика на тешкиот ривал.
– На сите наши натпревари од моето доаѓање на селекторското место игравме офанзивно, така ќе биде и на овој меч. Мојот тим не е учен да игра подредено во дефанзива. Сепак не е исто кога се игра со актуелен европски првак. Ќе се обидеме да ја играме нашата игра, додаде Милевски.
Натпреварот е закажан за 24 март во Палермо. Победникот од овој дуел, во финалето ќе се соочи со поуспешниот од пресметката Португалија – Турција.