Во Холандија запленети три тони кокаин

by Fokus

Холандската полиција заплени речиси три тони кокаин и 11,3 милиони евра во готово. Дрогата била запленета кога полицијата влегла во фарма во близина на Амстердам, а тоа е една од најголемите заплени на дрога, соопшти денеска полицијата.

Кокаинот, со проценета улична вредност од 195 милиони евра, бил скриен во блокови во зграда на околу 20 километри јужно од холандската престолнина и во возила.

„Полицијата, за време на рацијата извршена минатиот четврток, открила и шест пиштоли, придушувачи, муниција, како и луксузни предмети и машини за броење пари“, се вели во соопштението на полицијата во Амстердам.

Двајца мажи, на возраст од 54 и 29 години, се уапсени под сомнение за вмешаност во трговија со дрога од големи размери. Тие се појавија пред истражен судија во понеделникот и одреден им е притвор од 14 дена додека трае истрагата. Холандија, со своето главно меѓународно пристаниште во Ротердам, е клучен влез за дрога во Европа, која претежно се испорачува од Јужна Америка.

Поврзани новости