Грчкиот министер за култура, Костас Тасулас вчера изјавил дека е невозможно Александар Македонски да бил закопан во гробницата во античкиот град Амфиполис, пренесува електронското издание на весникот „Катимерини“.
Летово на големо се шпекулираше дека гробницата можеби е вечниот дом на Александар Македонски, неговата жена Роксана или на нивниот син Александар IV. Грчкиот премиер Антонис Самарас дополнително ги поттикна шпекулациите откако го посети археолошкиот сајт кој се наоѓа во античкиот град Амфиполис и таму изјави дека Грција е на работ на големо археолошко откритие.
Дел од стручњаците претпоставуваат дека можеби гробот е на Олимпија, мајката на Александар бидејќи на влезот од гробницата се најдени свинги кои на времето имале женски гради, меѓуто биле руинирани. Исти свинги имало и во гробницата во која наводно била закопана една од бабите на Александар.