Во три средни училишта во Скопје, Струмица и Прилеп со здравствена струка за насоката медицинска сестра, како и во скопската гимназија „Орце Николов” за билингвалните паралелки по англиски јазик се пријавиле повеќе ученици со максималниот број (75) бодови отколку што се предвидени слободни места во Конкурсот за прва година во 2020/2021 година, па во понеденик ќе се организира квалификациско тестирање, соопштија од Министерството за образование и наука.
Се работи за СУГС „Д-р Панче Караѓозов” во Скопје за медицинска сестра на настава на албански јазик, каде што се предвидени 102 ученика во три паралелки, а со ист број бодови се пријавени 166 ученици.
Потоа, во СОУ „Димитар Влахов” во Струмица, здравствена струка – медицинска сестра на македонски наставен јазик, слободни се 34 места односно една паралелка, а со исти бодови се пријавени 39 ученици, како и во СОУ „Ѓорче Петров” во Прилеп, здравствена струка – медицинска сестра на македонски наставен јазик, за 34 места односно една паралелка конкурирале 44 ученици со максинални (75) бодови.
На 22 јуни на квалификациското тестирање за учениците што се пријавиле за оваа насока во трите училишта ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија на јазикот на кој тие ја следеле наставата во основното училиште.
Во скопската гимназија „Орце Николов” квалификациско ќе има во билингвалните паралелки по англиски јазик. Тестирање ќе има по предметот англиски јазик на 145 ученици пријавени со 75 бода затоа што според Конкурсот треба да се примат 136 во четири паралелки.
Тестовите ги изработува Бирото за развој на образованието, а комисијата за организирање на квалификациското тестирање е формирана од членови на МОН, БРО и наставници од самите училишта.