Неколку лица, меѓу кои и еден малолетник планирале да ги нападнат француските безбедносни сили. Тие се уапсени во петокот под сомнение за подготовка и извршување на насилнички акт, објавија денеска француските медиуми.
Апсењата се дел од прелиминарната истрага на Генералната дирекција за внатрешна безбедност, а покрената од страна на Парискиот обвинител на 1 февруари под обвинение за „здружување за терористички заговор.”
Имавме доволно значајни показатели за да стравуваме од голем напад”, изјави министерот за внатрешни работи, Кристоф Кастанер.
Меѓу уапсените има еден малолетник на возраст од 17 години, кој од претходно и е познат на полицијата. Тој претходно беше уапсен во февруари 2017 година додека се обидувал да замине за Сирија. Тој беше осуден од страна на судот за малолетници за делото „терористичко злосторничко здружување“ и доби казна затвор од три години затвор, од кои две со условна казна. Другите три лица, сите полнолетни се познати поради кривични дела.
Силите на редот се меѓу главните цели на напади од страна на Исламската држава (ИД). Од 2015 година, полицијата и војската беа нападнати неколку пати: особено атенатот во Мањавил во 2016 година, при што загинаа двајца полицајци, потоа во нападот во Лувр целта беа војниците од операцијата Сентинел, како и престрелката на Шанзелизе во април 2017 година, во која имаше еден загинат и двајца повредени.
Терористичката закана во Франција и понатаму е присутна, бидејќи од почетокот на 2019 година биле откриени повеќе планови за атентати. Во средината на април, 16-годишник, радикализиран на интернет, беше уапсен поради поседување на вознемирувачки елементи. Во неговиот компјутер полицијата пронајде „детален терористички прирачник со методи за акција“, џихадистичките видеа и „интернет пребарувања во врска со војската и полицијата, вклучувајќи ја и ИД“.
Неколку недели претходно, двајца мажи на возраст од дваесет години се уапсени и обвинети за планиран напад врз училиште. Еден од нив, со психијатриски нарушувања, барал да се стекне со оружје, што го привлече вниманието на разузнавачките служби.