Во Франција нема систематско вакцинирање на тие кои се заразиле со корона вирусот

by Fokus

Во Франција нема потреба систематски да се вакцинираат луѓе кои веќе биле заразени со корона вирусот, но ништо не ги спречува ако тие сакаат да се имунизираат, се вели во денешното соопштение за печатот на Високиот орган за здравство (ХАС), јави дописникот на МИА.

Ова појаснување, на кое се додава уште едно за постарите лица во колективните установи, освен домовите за стари лица, ги следи препораките на ХАС дадени на 30 ноември за идната кампања за вакцинација против Ковид-19.

Според Високиот орган за здравство, „научниот наод“ е дека „до денес, податоците не ни дозволуваат да знаеме дали има некаква корист од вакцинирање на луѓе кои веќе биле заразени со САРС-КoВ-2“, вирус што ја предизвикува болеста Ковид-19. Следствено, ХАС „смета дека во оваа фаза нема потреба систематски да се вакцинираат луѓе кои веќе имаат развиено симптоматска форма на Ковид-19“. Од друга страна, ХАС забележува отсуство на „особено сериозни несакани ефекти“ кога е вакцинирано лице кое имало Ковид-19. Оттука, заклучува дека нема што да ја спречи ваквата вакцинација, доколку заразено лице сака да се вакцинира, „по одлука споделена со докторот“.

ХАС, исто така, ја потврди својата препорака да и се даде приоритет на вакцинацијата на зависни стари лица во домовите за стари лица и повозрасните жители во колективните установи.

Поврзани новости