Во чиво име судиш?

by Fokus

Граѓаните не само што немаат никаков допир и влијание на изборот на судиите кои ги судат и им правораздаваат туку немаат никакво влијание и на нивната одговорност. Во таква поставеност на односите каде граѓаните немаат никакво влијание на судството, секојдневните афери и огромната недоверба на граѓаните во судството лицемерно е и неоправдано судиите да се повикуваат на граѓаните и во нивно име да правораздаваат донесувајќи пресуди.

Пишува: Звонко Давидовиќ

Судница преполна со новинари кои стојат позади во делот за јавноста. Пред судскиот пулт кој е издигнат стојат обвинителот, бранителот и обвинетиот, а лево од нив поставените камери тивко зујат снимајќи ја објавата на пресудата.

Пред сите застанат судијата облечен во црна тога,  ја објавува пресудата почнувајќи со зборовите ” Во име граѓаните на Република Македонија” и продолжува да ги чита дејствијата поради кој обвинетиот е виновен и поради кои ќе му изрече казна.

Ваквото изрекување на пресуда и изрекување на казна во името на граѓаните или народот,  длабоко е поврзано со народната сувереност, односно сувереноста на граѓаните. Сувереноста или суверенитетот потекнува од францускиот збор souveraineté, односно латинскиот збор superanus  што значи врховна власт, неограничена власт, неприкосновеност.„vrhovna vlast, neograničena vlast, neprikosnovenost. Сувереноста на граѓаните е основа и темел на демократско општество, власт која произлегува од народот , за народот.

Џон Лок, англиски филозоф кој ги поставил основите на современата демократија сметал дека народот е носител на сувереноста и дека истата само привремено му ја пренесува на законодавецот. Шарл Монтескије власта пак ја поделил на судска, извршна и законодавна, онака како е и денес во сите демократски општества.

Народната сувереност денес е дел од секоја модерна држава а начелото “власт која произлегува од народот и му припаѓа на народот” е афирмација на еднаквост и човечки природно вродени права. Народната сувереност не го подразбира народот како етничка категорија туку ги подразбира сите граѓани кои живеат во една држава без оглед на етничката припадност.

Начинот на остварување на народната сувереност  како облик на демократија може да биде непосредно (референдум, плебисцит, народна иницијатива..) или посредно преку парламентарно претставничкиот систем.

Токму ваквиот систем на остварување на народната сувереност преку парламентарно претставничкиот систем им даваше некогаш на судиите право да судат и изрекуваат пресуди во име на народот. Судиите своите овластувања и правото да правораздаваат во името на народот го црпеа од фактот што истите беа избрани и гласани од народните пратеници кои пак  со гласовите на народот беа избрани да седнат во парламентарниот дом па се сметаше дека народот преку изборот на пратениците им ја пренел народната сувереност , а овие истата им ја пренеле на судиите.

Но, по распаѓањето на Југославија и осамостојувањето на Македонија, особено со формирањето на судскиот совет кој ги избира судиите тешко да може да зборуваме за судство кое ги црпе своите овластувања од народот и има право да правораздава во име на народот. Тешко да можеме во Македонија да зборуваме за вистинска и реална поделбата на власт на законодавна, извршна и судска, за еднаквоста , за граѓански концепт на општеството и за многу други демократски придобивки и нормални состојби кои владеат во другите држави но ќе се задржам овојпат само на делот на судството.

Судството со формирањето на судскиот совет и со пренесувањето на правото на избор, разрешување и унапредување од Собранието на судскиот совет се раскина нитката преку која на судството му е пренесена народната сувереност.

Судиите повеќе не ги бираа народните пратеници на кои преку изборите и гласовите на народот им беше доверена народната сувереност па истите и неможат во името на народот односно граѓаните да изрекуваат пресуди. Граѓаните дел од својата сувереност на ниту еден начин не им пренеле и довериле на судиите.

НЕДОВЕРБА НА ГРАЃАНИТЕ ВО СУДСТВОТО

Наместо граѓаните сега судиите ги избира судскиот совет чиви членови се избрани од ( најголемиот дел) самите судии а помалиот дел се по  предлог на Претседателот и Собранието и кои се синоним за вдомен партиски кадар кој никогаш немал допир со судството од една страна и кои се производ на пазар помеѓу партиите но со национален предзнак и клуч.

Граѓаните не само што немаат никаков допир и влијание на изборот на судиите кои ги судат и им правораздаваат туку немаат никакво влијание и на нивната одговорност. Во таква поставеност на односите каде граѓаните немаат никакво влијание на судството, секојдневните афери и огромната недоверба на граѓаните во судството лицемерно е и неоправдано судиите да се повикуваат на граѓаните и во нивно име да правораздаваат донесувајќи пресуди.

Без пренесување на народната сувереност, без општество кое се гради на граѓански концепт со огромно влијание на извршната власт и партиите при изборот и напредувањето на судиите, но и огромно влијание на работата на судиите , судството нема легитимитет да се повикува на граѓаните и во нивно име да правораздава.

Многу одамна судството, како и партиите и власта воопшто се однародени и ставени под капа на неколку партиски челници кој полека но сигурно формираат кланови кои раководат со определени области на општеството и државата и енормно се богатат и стануваат недопирливи. Судството преку своите одлуки ги артикулира и заштитува нивните интереси и потреби а не на граѓаните па со право секој судија може да биде запрашан во чиво име суди.Како тргнало не би ме изненадило наскоро да падне предлог на некоја од партиите и судството да се приватизира.

Поврзани новости