Во четврток Груевски се враќа на обвинителна клупа, по судската ферија продолжуваат судењата

by fokus

По судската ферија, од 15 јули до 15 август, кога повеќето судии одат на годишен одмор, повторно ќе продолжат судските рочишта, бидејќи во овој период се судеа само притворски предмети.

Ова значи дека и обвинетите во предметите на СЈО, од кои повеќето се поранешни функционери повторно ќе седнат на обвинителна клупа во Кривичниот суд. Во четврток, на 16 август, ќе продолжи судењето за случајот „Титаник“, односно за изборните нерегуларности, во кој обвинето е поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со екс премиерот Никола Груевски. Рочишта за овој предмет се закажани и на 17 и 20 август.

На 29 август ќе продолжат рочиштата и за случајот „ТНТ“, односно за уривањето на „Космос“, каде што исто така обвинет е Груевски. Месецот, пак, ќе заврши со судење на обвинетите во „Таргет и Тврдина“, за нелегалното масовно прислушување, во кој меѓу обвинетиот е и поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков.

За време на судската ферија на одмор можеа да заминат и обвинетите од СЈО, но не надвор од државата, бидејќи на повеќето им се одземени пасошите како мерка на претпазливост.

Поврзани новости