Во четири очи, без објавување на оглас, минатата година биле склучени 368 тендери, во вредност од 40 милиони евра. Ова го покажува Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јули-декември 2020 година, на Центарот за граѓански комуникации.
-Во 2019 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени се 368 договори, во вкупна вредност од 40 милиони евра. Во однос на претходната година намален е бројот на договори, но вредноста е зголемена за 21 %, се наведува во извештајот.
Од Центарот посочуваат дека продолжува трендот на често поништување на тендерите, поради што се јавува сомнеж за манипулација.
-Честите поништувања на тендерите, причините за поништувањето и големината на тендерите за кои се носат вакви одлуки ја отвораат дилемата дали со поништувањата се прикриваат слабостите во спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите.
Исто така една од клучните забелешки е и дека транспарентноста на јавните набавки не е на предвиденото ниво во согласност со новиот Закон за јавните набавки.
-Во повеќе од четвртина од мониторираните постапки на централно ниво (27,5 %), евидентирано е непочитување на законската обврска за известување во однос на спроведените тендери, се наведува во извештајот.
Најниската цена и понатаму се користи како главен критериум.
-Најниската цена е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 97 % од тендерите, а електронската аукција е применета во дури 94 % од тендерите. Ваквото постапување на институциите не е во согласност со актуелните европски трендови, ниту, пак, соодветствува на барањата на бизнис-заедницата, пишува во извештајот.
Од Центарот додаваат дека дури 48% од компаниите сметаат дека има корупција во јавните набавки.
– За дури три четвртини од фирмите „најниската цена“ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Задоцнетото плаќање повторно избива како голем проблем за фирмите, кои просечно чекаат седум месеци за наплата на побарувањата за завршените набавки. 48 % од фирмите сметаат дека „секогаш“ или „често“ има корупција во јавните набавки. Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,82 (на скалата од 1 до 5), што е незначително намалување во однос на лани, кога оценката беше 2,87, велат од центарот за граѓански комуникации.