Повторно се излеа реката во Неготино: Или сме поплавени или жедни, златна средина нема!

by Fokus

По трет пат ова лето се излеа реката во Неготино: Или сме поплавени или жедни, златна средина нема! По само петнаесет минути откако започна да врне дожд во Неготино, се излеа реката во центарот на градот.

Заглавените автомобили и водата во подрумите на околните згради станаа редовна слика при секој летен дожд во срцето на Неготино.

Апелите на луѓето кои живеат во центарот, пред чии очи се случува излевањето на реката од коритото за време на секој посилен дожд, да се исчисти од песочен нанос почетокот на речното корито во кејот, но и да се постават сливници долж улицата Маршал Тито, каде се собира водата, буквално паѓаат во вода со години наназад.

Денеска, за време на краткотрајниот дожд неготинчани останаа и без електрична енергија. Само неколку минути по решавањето на дефектот со струјата, секнаа чешмите и започна рестрикцијата на водата за пиење. Граѓаните револтирано реагираат на социјалните мрежи и ги прашуваат надлежните каде тоа живеат, кога основните права загарантирани со закон секојдневно им се скратуваат.

-Или сме поплавени, или немаме вода за пиење. Каде и во кој век живееме и до кога вака?-прашуваат неготинчани, кои со децении се соочуваат со истите проблеми, за кои ниту една власт не најде трајно решение.

Вики Клинчарова

Поврзани новости