Во Бразил се гради нова статуа на Исус Христос, поголема од таа во Рио де Жeнеиро

by fokus

Гигантска нова статуа на Исус Христос, која се гради во јужниот дел на Бразил, ќе се издигне уште повисоко од споменикот на Христос Спасителот, кој гледа кон Рио де Жeнеиро.

Оваа недела на статуата, која се гради од 2019 година во градот Енкантадо, државата Рио Гранде до Сул, и беа поставени глава и раширени раце.

Завршувањето на споменикот е планирано за крајот на оваа година, соопшти Здружението на пријатели на Христос, кое ја координира работата.

– Ова е ден за празнување, за посветеност, изјави Гилсон Конзати, локален советник и син на Адроалдо Конзати, политичарот кој е идеен творец. Адроалдо Конзати беше градоначалник на Енкантадо, а почина минатиот месец поради компликации од коронавирусот.

Статуата, која ќе се вика Христос Покровителот, ќе биде висока 43 метри, вклучувајќи го и нејзиниот пиедестал, што ја прави една од највисоките статуи на Исус Христос со раширени раце. Должината од едната до другата рака ќе изнесува 36 метри, ќе има затворен лифт и набљудувачка тераса кон врвот.

За споредба, Христос Спасителот е висок 38 метри, вклучувајќи ја и платформата, а растојанието од рака до рака е 28 метри. Во октомври оваа година ќе биде одбележан 90-ти роденден.

Енкантадо, град со 22.000 жители, се наоѓа на 145 километри северозападно од главниот град на државата Порто Алегре. Проектот има за цел да инспирира вера и да го промовира туризмот во областа, тврдат неговите организатори.

Буџетот на проектот од 350.000 американски долари е целосно финансиран од донации, наведува Здружението на пријатели на Христос. 

Поврзани новости