Текстот е објавен на 17-ти јануари 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 954
Оваа мала рурална општина беше една од ретките каде што на последните локални избори победи кандидатот за градоначалник на опозицијата. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ обезбеди предност од еден глас во општинскиот совет, во однос на СДСМ. Но, се чини дека најважно е тоа што власта успева да ја задржи контролата во основното училиште преку директорката Слаѓана Николовска. Градоначалникот Момчило Алексовски не успеа да ја разреши, и покрај тоа што официјални документи потврдуваат оти таа е правосилно осудена на условна казна затвор и е вмешана во случај на непотизам. Ако ова се случува во една мала општина, какви афери и скандали ќе излезеа на виделина во другите поголеми општини доколку дојдеше до промена на власта!?
На една рака може да се набројат општините кои на последните локални избори останаа или преминаа во рацете на опозицијата. Безмалку сите општини во државава, со исклучок на оние со доминантно албанско население, ги освои владејачката коалиција, а предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а таму каде што загуби во битката за градоначалници, некаде успеа да ја задржи контролата врз советите.
Опозицискиот СДСМ, пак, ги задржа Струмица и Куманово, додека промена на власта во корист на опозицискиот фронт се случи во скопската Општина Центар. Ако тоа беше во одредена мера и очекувано, се чини најголемо изненадување беше опозициската победа во малата општина на македонскиот североисток – Ранковце.
„Фокус“ неодамна пишуваше за притисоците со кои се соочуваат поголемите опозициски општини и нивните градоначалници, од кои двајца се и опозициски лидери (Зоран Заев и Андреј Жерновски). Зачестени инспекциски проверки, притисоци врз вработените, блокирање на јавните претпријатија − се само дел од нив.
Ништо не е поарна ситуацијата ниту во можеби неправедно запоставеното Ранковце, каде што новата општинска власт буквално војува со централната власт, но и со реликтите од претходните општински кадри на владејачката опција. Откако ја добија најважната битка на изборите, засега се чини дека опозиционерите ја губат војната во оваа општина со 18 населени места, која граничи со Србија и води кон Бугарија.
СДСМ ПОБЕДИ ИЛИ ВМРО СЕ ПОРАЗИ
Границите на општината именувана по најголемото село, во која, според последниот попис од 2002 година, живеат над 4.000 луѓе, се воспоставени во 1996 година. Во првите два мандата општината ја раководеа социјалдемократите, додека во вторите два мандата, вмровците. На минатогодишните избори, кандидатот на здружениот „Сојуз за иднината“, Момчило Алексовски, го победи адутот на власта, Орце Тодоровски.
Интересно е како всушност се случи здружената опозиција да извојува победа во Ранковце, во ситуација кога опозиционерите изгубија во безмалку целата држава, и тоа таму каде што важеа за фаворити. Несомнено е дека опозиционерите имаа одличен кандидат за градоначалник зашто тој важи за угледен и почитуван човек во својата средина. Но, неговата победа е резултат на неколку фактори.
Актуелниот градоначалник на Ранковце поминал дваесет години во компанијата „Силекс“ на социјалистот Љубисав Иванов – Ѕинго, со кого, патем, и до ден-денес одржува контакти. Бидејќи, нели, сите вработени во „Силекс“ по автоматизам треба да се и членови и на Ѕинговите социјалисти, така и Алексовски има членска книшка од оваа партија.
По завршувањето на кариерата во кратовската компанија, неговото деловно дејствување цели 12 години се поврзува со единствената земјоделска аптека во регионот, што во една земјоделска средина е исклучително важно. Во меѓувреме, тој активно членува во Социјалдемократскиот сојуз, од чиишто редови во минатото бил избран за советник во родната општина во времетраење на еден мандат.
Алексовски до последен миг не беше ниту во внатрепартиската конкуренција кај социјалдемократите за оваа јавна функција. Откако политичката криза по собраниските инциденти при изгласувањето на Буџетот заврши со договор за учество на изборите, веќе поранешниот сдсмовски лидер Бранко Црвенковски лично го повикал да му предложи да биде опозициски кандидат за градоначалник. Наводно, така кажале анкетите, но во суштина пресудни биле препораките до Црвенковски за неговиот крајно позитивен имиџ.
Веќе избраниот „општински татко“ на Ранковце ги повикал на кафе-средба другите тројца колеги од партијата кои очекуваа номинација. Добил уверување дека никој не му се лути, па го прифатил предизвикот, со што ги разбудил духовите кај противничкиот табор. Вечерта, кога била обелоденета неговата номинација, во неговиот дом дошол еден истакнат член на вмровскиот општински комитет за да му порача дека погрешил што ја прифатил кандидатурата бидејќи нема шанси против силата и парите на противникот.
Сепак, тоа не го поколебало, излезе на изборите и победи. Или не е грешно да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ на некој начин и се самопорази. И покрај тоа што опозицискиот кандидат беше квалитетен, а владејачкиот непопуларен и затворен кон народот, конечниот исход најверојатно ќе беше поинаков ако не беше внатрепартискиот судир во редовите на најголемата владејачка партија.
Веќе поранешниот вмровски градоначалник на Ранковце, Тодоровски, имал несогласувања со поранешниот претседател на вмровскиот општински комитет, Ивица Тошевски, кој е стар вмровец и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ во матичната општина. Тошевски е вработен во Министерството за внатрешни работи, извесно време беше началник на униформираната полиција на СВР Куманово, но токму во изборниот период беше преместен на работа во Скопје на пониско скалило.
Случајно, или не, истовремено неговиот угостителски објект во Ранковце беше привремено затворен од УЈП, која му изрече и казна од над 3.000 евра. По изборниот пораз, пак, Тодоровски беше вработен токму во Управата со која директорува Горан Трајковски, во одделението во Крива Паланка. Судејќи по тоа, кристално јасно е кој победи во оваа интерна борба.
ДИРЕКТОРСКА УСЛОВНА ПРЕСУДА ЗА КАЗНА ЗАТВОР
Вака или онака, СДСМ и коалициските партнери не однесоа апсолутна, туку релативна победа во Ранковце. Нивниот кандидат стана градоначалник, но советот остана под контрола на власта бидејќи ВМРО и ДОМ имаа 5, а СДСМ и НСДП 4 советници. Арно ама, искрснал проблем со еден од вмровските советници.
Станува збор за носителот на советничката листа, Горан Симоновски, кој по логиката на нештата, требаше да биде избран за претседавач на советот, но на крајот оваа позиција му припадна на Тони Ангеловски. Од само нему познати причини, Симоновски, по изборот ја оставил работата во АРМ и заминал на работа во Германија. Затоа, на неколку седници во последните три месеци од изминатата година, Ангеловски предлагал негово разрешување поради неколку неоправдани отсуства едноподруго.
Притоа, настанала по малку чудна ситуација. Ниту еден од четворицата опозициски советници не го обезбедил едниот потребен глас за прекин на мандатот на советникот од противничкиот табор. Без разлика на тоа, при крајот на претходната година, Симоновски се вратил во земјава и во општината, и гласал за усвојување на буџетот, моделиран со амандмани по мерка на вмровците.
Значи, СДСМ е немоќен во општинскиот совет, но, поважно, нема слика да се спротистави во основното училиште Христијан Тодоровски – Карпош, со кое директорува Слаѓана Николовска, иако ги има сите адути на своја страна. На барање на општината, основниот суд во Крива Паланка доставил допис во кој се наведува дека Слаѓана Николовска од Псача е прогласена за виновна за кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластување“, врз основа на член 353, став 2 од Кривичниот закон. Со пресуда К.бр. 100/12, судот на Николовска ѝ изрекол условна осуда со која е утврдено дека изречената казна во времетраење од 3 месеци нема да се изврши во период од една година.
Да биде бељата поголема, како што е објавено на официјалната интернет-страница на истиот суд (http://www.oskrpalanka.mk/Odluki.aspx?odluka=4177), кон средината на изминатата 2013 година, првостепениот суд повторно ѝ изрекол условна казна за истото кривично дело. Додека трае условната казна од претходното дело, на директорката на училиштето во Ранковце, судот, со пресуда К.бр. 120/13, повторно ѝ изрекува условна казна затвор во времетраење од 6 месеци, која, исто така, нема да се изврши во наредната една година?! Првата пресуда е правосилна, односно потврдена на Апелација од почетокот на 2013 година.
За разлика од првиот пат, во вториот случај таа се товари и за продолжено кривично дело и соизвршителство, поточно повеќе лица заеднички сториле повеќекратно остварување на кривично дело. Наведената одредба од кривичниот закон за злоупотреба на службената должност, пак, предвидува дека со казна затвор во траење од половина година до пет години ќе се казнат оние кои ќе ги пречекорат границите на своето службено овластување и во тој правец, за себе или за друг ќе прибават поголема материјална корист или ќе причинат штета.
СИ ГИ ВРАБОТИЛА СОПРУГОТ И БРАЌАТА
Како и да е, двете судски пресуди не се доволна причина за разрешување на директорката, која ја врши оваа функција од 2007 година. Имено, градоначалникот прво поднел претставка за нејзино разрешување до училишниот одбор, но таа била речиси едногласно отфрлена како неоснована. Аргументот гласел дека во Законот за основно образование нема одредба која децидно пропишува оти осудени лица не смеат да директоруваат со основно училиште.
Точно е дека во членот 133 од Законот има став, според кој, директор на основно училиште се разрешува предвремено доколку направи повреда на одредбите на законите што ги пропишува просветниот инспекторат, но не и повреда на кривичниот закон. Сепак, истиот член содржи и став, според кој директорот предвремено се разрешува доколку „по негова вина им е нанесена штета на учениците, на нивните родители и на училиштето“. Тоа не било доволно училишниот одбор да ја прифати претставката.
Инаку, вреди да се спомене дека во одборот членуваат три лица од редовите на наставниците, три од советот на родителите, двајца од советот на општината и еден од Министерството за образование. Претседател на училишниот одбор е професорот по физичка култура Роберт Јакимовски. И за него општината Ранковце побарала информација од надлежните институции дали бил во судир со законот, но кривопаланечкиот суд ги упатил кон полицијата, а полицијата одбила да им достави одговор, со образложение дека тоа може да го побараат само „државни органи“?!
Така, училишниот одбор не ја прифатил претставката на градоначалникот Алексовски, па тој решил еднострано да ја разреши по други основи, настрана оној за кршење на законот, и да ја именува за в.д. директорка Христина Младеновска. Ваквата хаотична ситуација траела сѐ додека второстепената владина комисија за управни спорови во оваа област не го укинала решението на градоначалникот, затоа што не била почитувана процедурата, со заобиколување на училишниот одбор. Тогаш, градоначалникот ја потпишал листата за исплата на плати, со што се прекинал неколкумесечниот штрајк на професорите.
Документите со кои располагаме потврдуваат дека, освен проблеми со законот, постојат основани сомнежи дека директорката е вмешана и во непотизам, што треба да го потврдат антикорупционерите. Два дена пред одржувањето на првиот круг од локалните избори на 24 март, таа побарала од тогашниот градоначалник Тодоровски трансформација на работниот однос на 11 вработени од определено на неопределено работно време. Покрај другото, тие имале над две години работно искуство.
Ексградоначалникот Тодоровски истото барање го доставил до Министерството за образование на 1 април, нецели десетина дена по победата на опозицијата во општината, кога сѐ уште не било извршено примопредавањето на власта. Министерството, со кое тогаш раководеше Панче Кралев, кој е моментално советник за образование на премиерот Никола Груевски, одобрува трансформација на работниот однос на 9 лица, односно две помалку од бараното, бидејќи во буџетот биле обезбедени средства.
Во врска со реализацијата на вработувања во периодот од распишувањето на изборите до изборот на градоначалниците и конституирањето на општинските совети, Министерството побарало мислење од Антикорупциската комисија уште на почетокот на февруари, повеќе од еден месец пред одржувањето на изборите. Антикорупционерите одговориле дека од аспект на одредбите на Законот за спречување на корупција, не постои законска пречка за „трансформација на работен однос на наставен и ненаставен кадар во училиштата“.
Тука доаѓаме до клучното. Едно од лицата, што добива решение за полно работно време, е сопругот на директорката Николовска, Ласте Николовски, кој на работното место хаузмајстор-ложач добива целосно вработување по основа на старо финансирање. Но, тоа не сѐ. За време на нејзиниот мандат, актуелната директорка си ги вработила во училиштето и двајцата браќа, Горан Стојчевски и Орце Стојчевски. Од договорот за вработување и од пријавата за засновување на работен однос се гледа дека првиот е вработен од 2008, а вториот во 2011 година.
КАКО ЛИ Е ВО ДРУГИТЕ ОПШТИНИ?
Во текот на целиот период, опозиционерите упорно прашуваа дали власта по секоја цена се обидува да задржи правосилно осудено лице на директорската фотелја во училиштето за да не излезат на виделина сите скандали и афери во училиштето? Во ниту еден момент, од владејачката партија не го негираа или оспорија фактот за осудената директорка и за непотизмот во училиштето. Во контранапад само обвинија дека новото општинско раководство врши партизација на општината и се става над законите и институциите.
На крајот на краиштата, не е битно што велат едните или другите, туку она што го говорат фактите и што го покажуваат документите. А, тие бездруго посочуваат дека во Ранковце осудено лице го води единственото општинско училиште, лице кое притоа е директно инволвирано во непотизам. Ако ова се случува во една мала зафрлена и донекаде подзаборавена општина, што ли се случува во другите поголеми општини?
Одговорот на прашањето дали ваквата практика и тенденција е репрезентативна слика за целата држава по сѐ изгледа ќе почека промена на власта во локалната самоуправа, кога ќе се создадат услови за откривање на евентуалниот криминал и корупција.
Момчило Алексовски и Орце Тодоровски
КАКО ДВАЈЦАТА ПРИЈАТЕЛИ СТАНАА СОПЕРНИЦИ!
Актуелниот и поранешниот градоначалник на Ранковце, Момчило Алексовски и Орце Тодоровски, иако им припаѓаат на различни политички опции, се познавале и другарувале, но нивното пријателство престанало далеку пред локалните избори.
− Сакав да градам деловен објект. Тогашниот градоначалник ми рече да уплатам комуналии во општината и јас тоа и го сторив. Но, уште наредниот ден добив решение за уривање на градбата, иако не беше ни почната – раскажува за Фокус Алексовски, додавајќи дека случајот моментално е во судска постапка.
Ексградоначалникот Тодоровски, пак, одби да разговара во врска со односот со Алексовски, но и со неговиот сопартиец Тошевски.
−Точно е дека работам во УЈП и имам приватен бизнис – само кусо потврди тој.
И Тошевски не сакаше да комуницира во врска со некои шпекулации што се врзуваат околу него.