Во анкетениот лист на Ковачевски е пријавен уделот на неговата сопруга во изградба на фотоволтаична централа

Тоа е нејзина инвестиција којашто ја има направено со свои сопствени средства

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во неговиот анкетен лист поднесен до Антикорупциската комисија уште пред да дојде на сегашната функција било пријавено дека неговата сопруга има инвестирано во изградба на фотоволтаична централа. Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека тоа е инвестиција на неговата сопруга, за што вложила нејзини сопствени средства.

– Прво, тоа што беше објавено на еден портал, потоа беше преземено и од други портали, беше јавно достапен податок и може да се види од мојот анкетен лист каде што е пријавен уделот на мојата сопруга. Тоа не е сега, тоа е уште пред да стапам на функција како претседател на Владата. Согласно Закон за трговски друштва и согласно законските регулативи во државата секој граѓанин може да инвестира свои сопствени средства, како што таа има инвестирано свои сопствени средства и сето тоа е пријавено во сите надлежни институции, во Антикорупциска, со сите податоци и тие се јавно достапни, рече Ковачевски.

Тоа, додаде тој, е нејзина инвестиција којашто ја има направено со свои сопствени средства.

– Без моја помош, зошто би имала моја помош да инвестира средства, рече Ковачевски прашан дали таа тоа го направила без негова помош.

Поврзани новости