Во 3 часот по полноќ државниот испит за студентите доби зелено светло од Собраниската комисија

by Фокус

Во 3 часот по полноќ, Собраниската комисија за образование, наука и спорт, во второ читање повторно го изгласа целиот пакет за реформи во основното, средното и високото образование. Ова значи дека помина и претпоследната фаза во постапката пред законите за Високо образование да бидат конечно усвоени на пленарна седница.

Во текот на ноќта беше направен претрес на 150 амандмани и откако беа одбиени сите предлози на опозиција, Законот за Педагошки факултет, Законот за наставници во основно и средно образование, Законот за формирање Академија на наставници и Предлог – законот за обука на директори на средни и основни училишта и претшколски установи, добија зелено светло.
Комисиската расправа со долги паузи во повеќе наврати траеше цели 17 часа, а законите се изгласаа во 3 часот по полноќ, завршувајќи со Законот за високо образование за кој беа поднесени вкупно 90 амандмани.

Пратеникот од ДПА Беким Фазлиу предложи наместо студентите, носителите на јавни функции да полагаат државен испит.

– Ноќе се прават само лоши работи, криминал! Да беше овој закон добар ќе ги почекавте сите камери, а не вака да се криете. Државниот испит треба да го полагаат сите носители на јавни функции, а не студентите. Оваа Влада страда од комплексот на ставање под контрола сè, па дури и знаењето, посочи Фазлиу.

Пратениците од ДПА ја напуштија расправата, истакнувајќи дека актуелната власт не прифаќа никаков дијалог.

Не се прифати ниту амандманот на пратеникот Павле Трајанов кој побара дополнителен период за поширока јавна расправа за Законот за високо образование. На овој амандман заменик – министерот за образование Спиро Ристовски истакна дека имало доволно време за дебата.

Од Професорскиот пленум и Студентскиот пленум не доставија ниту еден предлог, бидејќи сметаат дека предлог-законските измени треба да се повлечат и да сe утврдат по целосна дебата.

 

Поврзани новости